
Во ноември, швајцарската инфлација неочекувано падна на најниско ниво во последните 25 месеци. Потрошувачките цени, мерени со индексот CPI, во ноември пораснале за 1,4 отсто на годишна основа, додека во октомври пораснале за 1,7 отсто, објавија швајцарските статистичари.
Економистите очекуваа инфлацијата да остане стабилна на 1,7 отсто, објави германската новинска агенција ДПА.
Така, швајцарската инфлација останува во рамките на целта на централната банка меѓу нула и два проценти.
Инфлацијата главно беше поттикната од зголемувањето на цените на становите и енергијата од 3,2%.
Цените на храната и на безалкохолните пијалоци во ноември се зголемени за 3,2 отсто на годишно ниво, а транспортните се намалени за 1,7 отсто, а здравствените за 0,8 отсто.
Во споредба од месец на месец, Швајцарија забележа дефлација од 0,2 отсто во ноември, по инфлацијата од 0,1 отсто во октомври. Неколку фактори придонесоа за месечниот пад на потрошувачките цени, вклучувајќи ги пониските цени на хотелските соби и поевтините меѓународни туристички аранжмани.
Базичната швајцарска инфлација, пак, се намали за 0,1 процентен поен на 1,4 отсто на годишна основа.