Информативна кампања за подигнување на свесноста за мирно решавање на работните спорови

19

Целта на кампањата е да се информира јавноста, а особено работниците и работодавачите во земјата за придобивките од користењето на воспоставениот механизам за мирно решавање на работни спорови, преку користење на лиценцирани помирувачи и арбитри.

Неопходните информации за тоа како да се искористат придобивките од новиот систем ќе бидат пренесени преку ТВ и радио спотови, како и преку соодветен леток кој ќе биде поставен на интернет и во дневниот печат. Заинтересираните можат да добијат подетални информации и директно во Министерството за труд и социјална политика, кое ги извршува сите стручно – административни работи поврзани со постапката на мирно решавање на работните спорови. Исто така, во рамки на ова министерство е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што треба да се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување.

Воспоставување на систем за мирно решавање на работни спорови е една од трите компоненти на проектот Унапредување на социјалниот дијалог, чија цел е обезбедување техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјалниот дијалог. Проектот е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, преку канцеларијата за Централна и Источна Европа.

“Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози.

Мирното решавање на работните спорови, кои можат да произлезат од колективните договори, како и индивидуалните спорови поврзани со отпуштање од работа или неисплата на плата, е регулирано со посебен закон кој стапи на сила од почетокот на оваа година. Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања. Согласно законот, целокупните оправдани трошоци за спроведување на постапките за мирно решавање на работните спорови ги покрива Министерството за труд и социјална политика.