Иницијатива за брендирање на мариовскиот мед

54

Еколошкото здружение Кајмакчалан, со седиште во мариовското село Маково, почна иницијатива за брендирање на мариовскиот мед, пишува Миа.

Стратегијата за оваа активност е промовирана пред локалната самоуправа во Новаци, експерти од странство, како и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

“Мариово е чиста, еколошки незагадена средина каде пчеларите имаат можност да произведуваат еколошки чист мед. Токму затоа, потребно е брендирање и заштитување на мариовскиот мед“, рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци и поддржувач на иницијативата на здружението Кајмакчалан.

На средбата со градоначалникот Котевски, членовите на здружението Кајмакчалан истакнаа дека иницијативата за брендирање на мариовскиот мед е со цел да се потврди тоа што со години е познато за мариовскиот мед како препознатлив и со вистинско, сигурно, чисто и еколошкото потекло.

“Досега имавме случаи на продавачи на мед кои го користат името мариовски мед, а истиот е произведен во друг регион. Токму затоа, за да го заштитите сакаме да го брендираме бидејќи сите ги знаеме здравствените придобивки коишто се добиваат од медот и медните производи“, рече Менде Трајковски, пчелар и претставник на здружението на граѓани Кајмакчалан од Новаци.