Иницијатива за поедноставување на изградбата на малите хидроцентрали

42

Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија ќе се залага за делумно расчистување на имотно-правните односи пред објавување на тендер или барем пред потпишување концесиски договор за изградба на мали хидроелектрични централи.
Ова денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија го истакна директорот на Проектот, Самир Латиф.
Тој прецизира дека во најмала мерка ќе се залагаат за навреме да се направи пренамена на земјиштето каде ќе се гради хидроелектраната, за инвеститорите да не губат како досега дополнителни три месеци за таа намена од концесискиот договор, со кој се предвидува во рок од три години да се изгради малата хидроелектрана и да се приклучи во мрежата.
“Проектот на инвестиции во чиста енергија се залага за намалување на времето за градба на малите хидроелектрани за шест до 12 месеци и за поевтинување до 50% и поедноставување на постапката за приклучок на новата електрана на преносната мрежа на ЕВН Македонија”, рече Латиф.
Тој појасни дека досега инвеститорите кои граделе мали хидроелектрани не биле сигурни дали и каде ќе можат да го приклучат новиот енергетски објект на мрежата на ЕВН Македонија. Можело да се случи приклучокот да биде одобрен на место што е значајно подалеку од првично планираното од инвеститорот со што цената на приклучок во пракса можела да чини и до 10 пати повеќе од првично планираното во инвестицијата.
Проектот, нагласи, предложи инвеститорите и ЕВН предвреме да се договорат за приклучокот за да може правилно да се планираат неопходните средства. – Со тоа може да дојде до намалување на трошоците за таа намена и до 50%, посочи Латиф.
Тригодишниот Проект на УСАИД за инвестиции во чиста енергија, што започна да се имплементира во април 2013 година, е насочен кон поддршка на Владата во процесот на подобрување на деловното опкружување во областа на обновливи извори на енергија и имплементирање на релевантни стратегии. Целта му е да се зголемат инвестициите во производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и да се намали вкупната потрошувачка на енергија, а со тоа и емисијата на стакленички гасови во атмосферата.
Досега има организирано два форума чија идеја е да се обезбедат дополнителни механизми во односите меѓу јавната администрација, приватниот и невладиниот сектор во областа на обновливите извори на енергија. На последниот форум посветен на јавниот оглас за изградба на 80 мали хидроелектрани ширум Македонија, што се одржа пред пет дена, беше побарано подобрување на мрежните правила за приклучок на мрежата на ЕВН Македонија за малите хидроелектрани и беше иницирана промена на 20-тина закони и подзаконски акти битни за изградба на малите хидроелектрани.
Во Македонија досега се објавени шест јавни повици за изградба на мали хидроелектрани од кои во првите пет се доделени 70 локации, а во шестиот, што беше неодамна објавен, се нудат дополнителни 80 локации за изградба на мали хидроелектрани.
Досега во земјава во електричната мрежа се приклучени 27 мали хидроелектрани кои во 2013 година произвеле 29,08 милиони киловат часови електрична енергија. Во системот се приклучени и 34 фотоволтаични електрани кои лани произвеле 8,07 милиони киловат часови електрична енергија, а во сопственост на ЕВН Македонија има и 11 мали хидроелектрани што во 2013 година произвеле 160 милиони киловат часови електрична енергија.
Вкупното домашно производство на електрична енергија во Македонија во 2013 година изнесувало 5,07 милијарди киловатчасови електрична енергија.