Интеграција на човековите права во деловните активности на компаниите

34

notesi

Фото: Pixabay

”Мојата компанија им овозможува на нашите клиенти привремено да ангажираат работници. Најзначајните права за нашите активности се правото на работа, правото за еднаква заработувачка за иста работа, правото на не-дискриминација, правото на приватност и правото на заштита на семејниот живот… Исто така некои ризици врз човековите права може да не бидат во мојата компанија – но да бидат на пазарот или во мојата индустрија.“ – Марек Куркиевич, директор, StartPeople, претпријатие од Полска

Интеграција или делување во согласност со наодите од проценката на влијание врз човековите права, е втор од четирите чекори на due diligence по човекови права, за кој процес пишувавме во претходните текстови.

Откако претпријатието ги идентификувало потенцијалните и вистинските влијанија врз човековите права, неопходно е овие наоди да бидат интегрирани во соодветните функции и процеси на компанијата. Без ефикасна интеграција, многу е веројатно дека политиките и процесите што водат до ризик врз човековите права ќе продолжат. Во Прирачникот за Бизнис и човекови права, развиен од Канцеларијата на високиот претставник за човекови права на ОН и Глобалниот договор на ОН, ги издвојуваат следниве примери како ситуации што може да се случат при неефикасна интеграција:

  • Лицата задолжени за развивање на нови продукти можеби нема да ги имаат во предвид влијанијата врз човековите права;
  • Тимот за продажба и за вработување можеби нема да ги знаат ризиците од воспоставување на деловни односи со одредени страни;
  • Буџетот можеби нема да биде соодветно дистрибуиран; и
  • Лобирањето на компанијата може да биде контрадикторно на нејзините заложби за почитување на човековите права.

Градење на капацитети и можности

Градењето на капацитети и можности е неопходно за да се интегрираат човековите права во компанијата. Овој процес, според горенаведениот Прирачник, може да ги опфати следниве чекори, при што првиот чекор води кон вториот и така натаму:

  • Разбирање како да се втемелат човековите права во бизнис културата на компанијата. Пожелно е да се користи интегриран пристап што е базиран на законите и таканареченото меко право, со цел компанијата да се осигура дека има јака корпоративна култура што ги поддржува и почитува човековите права.
  • Градење на односи во компанијата и со надворешни групи. Потребно е компанијата да соработува со сите заинтересирани страни што директно или индиректно може да придонесат за ширењето на признавањето на човековите права како вредности на компанијата.
  • Воведување на тренинг. Разгледајте ги различните видови на обуки по човекови права и одберете ја најсоодветната за вашата компанија.
  • Интегрирање на човековите права во внатрешната комуникација. Вработените треба да бидат информирани за ризиците по човековите права, што е предуслов за да се користат оперативните механизми на компанијата за примање на поплаки.
  • Интегрирање на човековите права во комуникациите нанадвор. Транспарентно и постојано комуницирање на политиките за човекови права на заинтересирани страни произлегува од одговорноста на компанијата за почитување на човековите права.

Дејствување

Активностите што деловното претпријатие треба да го преземе за да ги спречи или намали реалните или потенцијални влијанија врз човековите права зависи од односот што го има бизнисот со конкретното влијание врз човековите права. Во претходните текстови пишувавме дека претпријатието може да причини, придонесе или да биде директно поврзано со влијанијата врз човековите права преку своите деловни односи. Следниов дијаграм, изготвен од А. Овенс од Глобален договор на ОН, ги објаснува чекорите што треба да бидат преземени од компанијата во секоја од овие три ситуации:

dijagram

Се смета дека компанијата има “влијание“ (leverage) врз трета страна (деловен партнер) со која има деловни односи ако е способно да издејствува промена во погрешните практики на третата страна што причинуваат или придонесуваат до негативни влијанија врз човековите права. Кога компанијата има влијание да го спречи или ублажи негативното влијание врз човековите права што е директно поврзано со неговото работење, производи и услуги преку деловните односи, треба да го користи таквото влијание. Ако има недостаток од влијание, тогаш можеби постојат начини како тоа да се зголеми, на пример, преку:

  • нудење на зајакнување на капацитетите на третата страна;
  • креирање на иницијативи кои ќе влијаат третата страна да престане да влијае негативно врз човековите права или да се примени друг начин на работење; или
  • преку соработка со други ентитети, за да се постигне колективно влијание.

Исто така, компанијата треба да утврди колку е важен односот со деловниот партнер за нејзиниот бизнис, каква е сериозноста на влијанието и дали прекинувањето на односите би имало негативно влијание врз човековите права, следејќи го пристапот изложен во Принцип 19 од Насочувачките принципи за бизнис и човекови права.

Во одредени ситуацији ќе биде релативно лесно да се спречат или намалат негативните влијанија врз човековите права. Но, други ситуации може да бидат покомплексни, каде нема едно единствено решение. Во ваков случај праксата покажува дека е потребно највисокиот менаџмент на компанијата да учествува во носењето на одлуки во однос на активностите што треба да се преземаат и да се ангажира надворешна експертиза во оваа правна област.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje