Intel му помага на Стивен Хокинг полесно да зборува

59

intel hawking

Британскиот физичар Стивен Хокинг ќе може брзо и лесно да зборува благодарение на новата технологија што ја развија Intel и SwiftKey, која ќе ја замени старата платформа што неговиот компјутеризиран глас ќе го направи поразбирлив за околината.

Тековниот систем што го користи Хокинг е стар неколку децении и е голем, помалку функционален и одзема многу време. Intel помина три години во развој на новата комуникациска платформа. Технолошкиот гигант оваа недела го презентираше новиот систем под името ACAT – Assistive Context Toolkit, што е двојно побрз од претходниот, пишува порталот Cnet.

“Мојот претходен систем беше стар скоро 20 години и ми беше тешко да комуницирам и да ги правам сите оние работи во кои уживам“, рекол Хокинг.

Новиот систем, кој го контролира инфрацрвен прекинувач поставен на очилата на Хокинг, ќе му овозможи да зборува двојно побрзо, а останатите вообичаени активности, како што е пронаоѓање на компјутерски фајлови, ќе ги забрза до десет пати.

Системот работи на принцип на текстуални алгоритми што ги разви британската компанија SwiftKey, сличен е на оние во паметните телефони и саканиот збор може да го избере по внесување на само 10% до 15% од зборот, што значително ќе го намали потребниот труд и време.

Хокинг боледува од дегенеративната болест ALS (amyotrophic lateral sclerosis). Тој последните 10 години ги конструира речениците со помош на движење на образите коешто го чита компјутер, буква по буква. Потоа компјутерот чита што напишал научникот. Но, како што напредува болеста, на Хокинг му е се потешко да ги движи образите и овој процес е многу успорен.