Интензивното одделение на Клиниката за детски болести доби нов инкубатор – донација од ОКТА

63

okta donacija

Набавка на нов инкубатор и сервисирање на три постоечки инкубатори на Интензивниот оддел на Детската Клиника во Скопје е резултат од втората фаза на донација од кампањата Шанса за живот. Во кампањата иницирана од ОКТА и Клиниката за детски болести активно се приклучија илјадници индивидуалци, компании и организации. Над 12.000 граѓани се приклучија на кампањата преку социјалните медиуми.

ОКТА како донатор, оваа година ја иницираше кампањата со цел да ја подигне свесноста и да овозможи и другите да донираат за опремување и подобрување на условите на одделението за Интензивна нега каде се борат за својот живот предвремено родените бебиња.

“Ние, како ОКТА, многу сме задоволни од кампањата, која што направи вистинска промена на одделението за Интензивна нега на Детската Клиника. Нејзиниот успех докажа дека постои волја да се помогне кога има потреба од подобрување на нештата и среќни сме што работите се движат во позитивна насока. Сакам да напоменам дека со оглед на одличниот одѕив кај граѓаните, компаниите и организациите и реалната потреба од дополнителни донации за овој оддел, ја продолжуваме кампањата и следната година со надеж дека ќе направиме уште повеќе. Би се заблагодарил јавно на сите оние кои се вклучија во оваа кампања. Посакувам да бидете дел од кампањата и следната година и заедно да направиме уште поголема промена“, изјави Виктор Папаконстантиноу, главен извршен директор на ОКТА.

Покрај новиот инкубатор и поправката на постоечките три инкубатори, ОКТА веќе донираше средства за аспиратори и перфузори.

Според Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, кампањата ја разбуди јавната свест и даде резултати со вистинско менување на реалноста во одделот за интензивна нега.

“Шанса за живот е кампања што овозможува повеќе начини за донирање, за поединци, компании или организации. Ова е кампања што обединува и го инволвира секој хуман човек со мала донација да придонесе за голема промена. Токму затоа, досега даде одлични резултати, а ние, докторите и целосниот персонал на Интензивното одделение најдобро го гледаме ефектот преку олеснувањето на нашите секојдневни предизвици. Зголемен е обемот на работа во овој оддел, каде капацитетот е останат на исто ниво последниве неколку децении. Кога се менуваат условите за работа, треба да се промени и целосниот концепт на функционирање. Тоа, ние на Клиниката најдобро го покажуваме како пример. Ги повикуваме сите граѓани, компании да се вклучат и следната година и заеднички да направиме многу повеќе за овие наши мали борци“, изјави Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести во Скопје.

За нормално функционирање на одделот за интензивна нега, каде бројката на новопримени случаи е зголемена за скоро 50% постои голема потреба од нова и функционална опрема. Остануваат исти и начините за донација, преку отворените телефонските броеви за донации 070/075/077 14 33 33, можноста со минимално донирање на 100 денари во одбележаните кутии за донација на бензинските пумпи на ОКТА и на различни други локации, граѓаните да добијат алка со логото на кампањата како нејзин поддржувач, како и наменски отворената сметка на кампањата 200002709659393 во Стопанска банка.

Компанијата ОКТА денеска додели благодарници за медиумите што активно беа вклучени во поддршка на оваа кампања, меѓу кои е и нашиот портал Бизнис Инфо.

blagodarnicata