Интервју со Јанески: Индустриските капацитети мора да работат, тие ја одржуваат економијата и реализацијата на БДП

331

На бизнисот треба да му се овозможи да работи, затоа од стопанството и индустријата зависи и националната економија. Економска стратегија бездруго треба да има, и тоа долгорочна, но исто така треба да се раководиме по неа. Треба да се применуваат мерки и конкретни чекори, да се имплементира таа стратегија. Попусто ја имаме ако не ги менуваме работите. А не се сменети, со години, вели директорот за економика на „Макстил“, Петар Јанески во интервју за „Бизнис Инфо“

Според него, моменталната ситуацијата со енергетската криза ги исфрли на површина сите оние работи што не се решени 30 години.

– Не требаше да си дозволиме да имаме снабдување со гас само од едно географско подрачје и да имаме огромен увоз на електрична енергија поради недоволното домашно производство. Во земја со толку многу сончева енергија, ние дури сега ја олеснуваме постапката за поставување на фотоволтаици за стопанските капацитети, истакнува Јанески.

Во однос на влијанието на војната во Украина и дали можеби планираат кратење на работната сила, Јанески вели дека во оваа ситуација, сите се борат за опстанок и „важно е сите заедно да се избориме да ја пребродиме оваа криза“.

-Во Макстил работат скоро 1000 вработени и секој ден се бориме за секое работно место. Тоа ни е приоритет, но условите за работа се крајно лоши со оглед на високата цена на енергенсите. И запирањето и повторното пуштање на производството не е така едноставен процес, посочува тој во интервјуто.

Неодамна одбележавте 25 години работење на македонскиот пазар. Што можете да истакнете како ваш најголем успех во овој период?

-Овие 25 години поминаа во знак на инвестициите во Макстил и тоа во сите суштински сектори. Токму со инвестициите е постигната поголема оперативност, што пак ни обезбедени пазарна експанзија. Инвестирани се над 750 милиони денари (12 милиони евра) во филтерската станица во челичарницата. Само во последните 5 години дополнително се инвестирани 25 милиони евра за унапредување и осовременување на производните и технолошките процеси преку замена на застарените технологии со нови, со што се постигна зголемување на инсталираниот капацитет, унапредување на стандардите за работа и животна средина како и зголемување на безбедноста при работа за сите вработени. Во делот на подобрување на безбедноста и условите за работа, во изминативе 5 години инвестирани се вкупно 125 милиони денари и започнат е сериозен проект за подигање на свеста за поголема безбедност при работа. Посебно сме горди на тоа што сме се поблиску до нашата заложбата за циркуларна економија. Ова го постигнавме преку Синдерела, проектот на ЕУ, каде ја сертифициравме  троската како суровина за употреба во градежништвото.

Економската и енергетската криза го оптоварува секојдневието како на граѓаните, така и на компаниите. Како Макстил се справува со енергетската криза?

-На секој можен начин бараме решение како би го намалиле ценовниот удар предизвикан од енергенсите, така што тоа да не се одрази врз работата и тековното производство а уште помалку врз нашите вработени.

И самостојно бараме начини како да се снабдиме со електрична енергија за континуирано производство и како да ги покриеме огромните трошоци за купената електрична енергија, а дејствуваме и преку комората. Трошоците секојдневно растат, како што растат цените на берзите. На основните трошоци за набавка на електрична енергија се надоврзуваат и тарифите за дистрибуција и пренос на електрична енергија, што е исто така голема ставка. А индустријата мора да продолжи да работи, од индустријата зависат многу процеси во државата. Индустријата е таа што ја одржува економијата и реализацијата на БДП. Ни како држава, ни како економија не смее да си дозволиме таков луксуз во вакви времиња, индустријата и големите компании да ги ставиме на страна, самите да се снаоѓаат. Ова е време кога треба да се преземат егзистенцијални мерки.

Како влијаеше војната во Украина врз бизнисот? Дали може планирате затворање на дел од погоните и кратење на вработени?

-Уште на почетокот на овој конфликт очекувавме и предупредувавме дека пазарното влијание од војната ќе биде најмногу преку енергенсите. Ударот е преку цената на електричната енергија и природниот гас, со што ние ако произведуваме а веќе е така, со цена која што е десет пати повисока од ланската во овој период, со актуелната цена на производот веќе сме во загуба, а ако ја зголемиме не сме конкурентни, затоа што од околните држави немале потреба да ја накачуваат цената на својот производ. Таква е ситуацијата со сите компании во Македонија, не е само за нас така. Иако некои се решија на принудни одмори ние воопшто не сакаме ни да размислуваме на таква варијанта. Во оваа ситуација сите се бориме за опстанок и важно е сите заедно да се избориме да ја пребродиме оваа криза. Во Макстил работат скоро 1000 вработени и секој ден се бориме за секое работно место. Тоа ни е приоритет, но условите за работа се крајно лоши со оглед на високата цена на енергенсите. И запирањето и повторното пуштање на производството не е така едноставен процес. И пак ќе кажам, запирањето на производството или кратење на вработените не е решение. Ние треба да работиме. Тоа е целта на индустријата.

Неодамна испративте предлог мерки до Владата со кои ќе може да им се помогне на компаниите да го пребродат овој период. За што точно се работи?

-Одамна траат дискусиите и разговорите за помош на стопанството и на компаниите кои се слободниот пазар. Иницијативи и предлози постојат уште од ноември, минатата 2021 година. Мерките се доставени од десетте најголеми потрошувачи и тоа го направивме во септември и доставувањето на предлозите беше преку Стопанска комора. Предлогот содржеше конкретни чекори кои што ќе помогнат не само за нас, најголемите потрошувачи, туку ќе влијаат олеснително и за работата на останатите 1450 компании. Истапивме со предлог мерки до владата со кои ќе може да ни се помогне за да го пребродиме овој период. Побаравме да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, максимизирање на државното производство на електрична енергија, како и намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за електрична енергија (трговија, пренос, дистрибуција и балансирање). Од сите овие најефективна за целата индустрија би била мерката за субвенционирање и тоа на ниво како што плаќа индустријата во регионот. Само на тој начин ќе продолжиме да работиме но и да останеме конкурентни на пазарот. Во предлогот мерки дадени се барања и за набавката односно снабдувањето на индустријата со природниот гас. Нашите барања се практични и применливи, веќе докажани во регионот а значително ќе ни помогнат како на индустрија и стопанство, за да може ние и понатаму да придонесуваме за одржливоста на економијата.

Колку актуелните политички превирања влијаат врз бизнисот и дали конечно треба да се направи економска стратегија која нема да се менува во следните децении, по примерот на западните земји?

-На бизнисот треба да му се овозможи да работи, затоа од стопанството и индустријата зависи и националната економија. Економска стратегија бездруго треба да има, и тоа долгорочна, но исто така треба да се раководиме по неа. Треба да се применуваат мерки и конкретни чекори, да се имплементира таа стратегија. Попусто ја имаме ако не ги менуваме работите. А не се сменети, со години. Со години имаме инфраструктурни проблеми, со години се заговара потреба од подобар патен и железнички сообраќај. Моменталната ситуацијата со енергетската криза ги исфрли на површина сите оние работи што не се решени 30 години. Не требаше да си дозволиме да имаме снабдување со гас само од едно географско подрачје и да имаме огромен увоз на електрична енергија поради недоволното домашно производство. Во земја со толку многу сончева енергија, ние дури сега ја олеснуваме постапката за поставување на фотоволтаици за стопанските капацитети. Порано процедурата и цената за поставување фотоволтаична централа, не кореспондираше со економската исплатливост. Зарем ни треба национална стратегија за овие работи, и за тоа дека државата треба да обезбеди хармонизиран и еднаков пристап кон сите индустриски гранки каде што на краток рок може да интервенира и да се откаже од некои приходи како на пример за пренос и дистрибуција на енергенсите низ државните компании кои ќе доведат до намалување на финалните цени а со тоа ќе се намалат и трошоците за производство кои пак на долг рок сигурно ќе доведат до повисоки приливи назад во буџетот. Со или без стратегија, овие работи се императивни за создавање стабилна и одржлива економија.

Први започнавте пракса којашто сега и други компании ја следат, со редовно мерење и јавно објавување на мерењата за емисија на цврсти честички. Какви стандарди имате имплементирано за зачувување на животната средина?

-Да, редовно квартално ги објавуваме резултатите од двете мерни станици во кругот на Макстил и откако започна оваа пракса, веќе 2 години, секое мерење покажа дека емисиите на цврсти честички од Макстил се далеку, и до три пати под дозволениот минимум, скала што е дефинирана од Министерството за екологија, како и други европски еколошки параметри. Макстил во изминативе 5 години имаше обемни инвестиции токму во сегментот екологија, заштита на животна средина и нула отпад. За производство на челик користиме само старо железо кое го откупуваме и потоа го топиме. Полуфабрикатот од технолошкиот процес на правење челик, троската ја сертифициравме како суровина за употреба во градежништвото односно за изградба на патишта. Целата филтерска прашина со посебна технологија се собира и се извезува. Со ова, ние не само што никако не загадуваме, туку и користењето на ресурсите од природата го сведовме на минимум и уште сме на чекор од целосна примена на нула отпад стратегијата. Макстил стана модерна, современа и еко свесна компанија којашто во своите технолошки процеси е целосно хармонизирана со напредните еколошки стандарди.

Кои се плановите и проектите на кои ќе работи „Макстил“ во следниот период?

-Макстил работи и ќе продолжи да работи. Нашиот производ е основна суровина во многу индустриски гранки и не е можен раст на националните економии без да има раст во потрошувачката на челик. Исто така, значајно е и нашето влијание врз домашната економија и јакнењето на националниот БДП. И во вакви, отежнати услови, со голема неизвесност во снабдување со електрична енергија и по фантастично висока цена, ние наоѓаме начини за да работиме континуирано. Имаме и крупни планови кои вклучуваат нова инвестициска програма за тековната година, со одобрени нови 6,7 милиони евра и на среден рок плановите надминуваат 35 милиони евра. Она на што сме многу фокусирани за иднината е пресметката на емисиите на јаглерод диоксид (Co2) бидејќи од 2026 година во ЕУ се воведува механизам за пресметка и наплата на такса за емисиите на јаглерод за секој тон извезен производ. Тоа дополнително ќе ни ја намали конкурентноста на европските пазари и поради тоа идните инвестиции ќе бидат насочени кон намалување на овие емисии и намалување на трошоците за производство за да останеме конкурентни.

Исто така не чекаат големи планови и реализација на крупни општествено одговорни проекти, само очекуваме позитивен одговор од Владата во однос на нашите барања, за да може полесно да се реализираат овие активности и да се постигне уште повеќе. Веруваме дека наскоро состојбата за целата индустрија ќе се смени и ќе имаме подобри услови за работа сите.

В.З.