Искористени 2,8 милиони евра од кредитот за земјоделскиот сектор

19

Вкупно девет компании од земјоделскиот сектор искористиле вкупно 2,8 милиони евра од кредитот што го пласира Македонската банка за поддршка на развојот. Во фаза на одобрување се нови четири барања во вкупен износ од 800.000 евра, информираат од банката.

Оваа кредитна линија, достапна од јули годинава, е наменета за претпријатија кои се занимаваат со производство, откуп и пласман на земјоделски производи. Целта на овие средства е помош на компаниите во услови на криза.

Средствата се пласираат директно преку Македонска банка, а каматната стапка е само три проценти, рок на отплата од пет години и грејс-период од една година.

Овие 11 милиони, заедно со кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, се директна поддршка на стопанството во услови на нарушена ликвидност и зголемени проблеми поради европската должничка криза.

Кредитната линија дава дополнителна можност за подобрување и развој на производните и конкурентските способности на малите и средни претпријатија. Преку поддршката на компаниите од земјоделскиот сектор, се поддржуваат и земјоделците на кои навреме им се исплаќаат откупените производи.