Според актуелните прогнози на Виенскиот институт за споредување на меѓународните економии (WIIW), новите земји членки на Европската унија како и земјите од југоисточна Европа во 2013 година бележат пад на странските инвестиции за 20%, пред се поради слабиот економски раст во цела Европа. Најголем пад ќе доживеат инвестициите од Русија затоа што економската состојба во Русија се влошува, а на Москва и се закануваат загуби во контекст на банкарска, финансиска и должничка криза. Исклучок на оваа мрачна прогноза се Словенија, каде се инвестира во приватизација и Србија, каде се нудат можности за остварување гринфилд проекти.
Директните странски инвестиции до сега играа важна улога во економскиот развој и промената на структурата во земјите од централна и источна Европа. Но, според експертите на Виенскиот институт, странските инвестиции веќе не ја исполнуваат улогата на економски мотор во источна Европа. Инвестициите пред се се ориентираат кон понудата и побарувачката на пазарите и со тоа се изложени на негативните последици на рецесијата во Европа. Инвеститорите повеќе не ги привлекува источна Европа.
Кон крајот на минатиот месец, Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD) објави извештај според кој глобалните директни странски инвестиции минатата година потонале за 18%, спуштајќи се под нивото од периодот пред економската криза, поради економската слабост и политичката неизвесност.
Лани за прв пат земјите во развој привлекле повеќе директни странски инвестиции отколку развиените земји, односно 52% од вкупната вредност. Транзициските економии лани забележале вкупно 87 милијарди долари директни странски инвестиции, што е 9% помалку отколку во претходната година. Притоа инвестициите во земјите во југоисточна Европа се скоро преполовени, од 7,2 на 4,2 милијарди долари.