Бразил објави дека има рекорден пад на бруто домашниот производ од 9,7% во вториот квартал од оваа година поради пандемијата.
Големината на бразилската економија во вториот квартал се врати на нивото на кое беше во екот на светската финансиска криза во 2009 година.
Овие бројки објавени од Бирото за статистика (IBGE) се полоши од предвидувањата на аналитичарите кои предвиделе пад од 9,2% во земјата со 212 милиони жители, втора по ред по бројот на починати во светот од Kовид-19, по САД.
Во споредба со вториот квартал од минатата година, најголемата латиноамериканска економија падна за 11,4%, пренесува Reuters.
IBGE, исто така, го ревидираше економскиот пад за периодот јануари – март на 2,5%, во однос на претходната проценка од 1,5%.
Што се однесува до поединечните компоненти на БДП, индустриското производство потонало за 12,3% во вториот квартал, секторот услуги за 9,7%, фиксни инвестиции за 15,4%, потрошувачка на домаќинства за 12,5% и државната потрошувачка за 8,8%. Само земјоделството забележало зголемување во тој период за 0,4%, додава IBGE.
Фото: Freepik