Истражувачите од ФЕИТ со прва награда за најдобро демо

44

Demo 1

Истражувачката група WINGroup, под раководство на проф. д-р Лилјана Гавриловска од Институтот за телекомуникации при Факултетот за електротехника и информациски технологии, освои прва награда за Најдобро демо на престижната меѓународна конференција IEEE DySPAN 2015.

Наградата е добиена во сериозна конкуренција од демо проекти на светски познати универзитети и компании од телеком секторот, како што се Универзитетот Ахен од Германија, Тринити колеџот од Даблин, Супелек од Франција, КТХ од Шведска и други реномирани тимови.

Со своето демо REM-facilitated Smart WiFi, тимот од Македонија доби највисоки оценки и докажа дека развиената технологија за креирање мапи на радио околина успешно може да се примени во комбинација со конкретна телекомуникациска опрема за интелигентно решение за ефикасно искористување на спектарот.

“Како раководител на институтот и на истражувачката WINGroup-а се чувствувам горда на оваа награда и на својот тим. Ова постигнување е плод на упорна и самопрегорна работа. Членовите на тимот и досега се носители на многу признанија и награди. Оваа награда нè зацврстува на европско тло и уште еднаш ја потврдува препознатливоста на нашиот тим. Тоа е воедно признание и за Институтот за телекомуникации во рамките на ФЕИТ, но и голема мотивација и одговорност на членовите на WINGroup да продолжат со успешна работа и истражувања”, вели проф. Гавриловска.

Членовите на WiNGroup го надградија својот претходен иновативен концепт за креирање на мапи на радио околина со користење на хетерогени спектрални сензори преку дополнително воведување на комерцијална WiFi опрема во демото.

“Ова не е само наш личен успех, туку и успех за нашиот факултет и институт. Ова е генерално успех и за целата наша држава, доказ дека поседуваме тим подготвен за победи рамо до рамо со светски најдобрите, а воедно и мотив за сите наши колеги кои допрва ја усовршуваат оваа материја, да продолжат со својата работа. Ние сме секако тим со високи стандарди, а дека е тоа така, ќе го потврдиме со нашата работа и предизвици кои следат“, едногласно велат членовите на тимот – м-р Даниел Денковски, м-р Валентин Раковиќ, дипл. инженер Александар Иќков и вондреден проф. д-р Владимир Атанасовски.

Реномираната меѓународна конференција се одржа од 29 септември до 2 октомври 2015 година во Стокхолм, Шведска, со цел презентирање на најновите научни достигнувања и светските перспективи во областа на динамичното искористување на спектар.

Ова е втор пат истата награда да оди во рацете на тимот на WiNGroup, по добивањето на награда на IEEE DySPAN конференцијата во 2011, со што дефинитивно се пробиени регионалните граници на препознатливоста како тим, факултет, универзитет и држава.