IT4charity – хуманитарен настан организиран од ИТ секторот во Македонија

37

 

sos-detsko-selo

ИТ секторот во Македонија, под име IT4Charity, го најавува својот прв хуманитарен музички настан, кој ќе се одржи на 16-ти ноември во клубот XO Club во Скопје, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен за сите хумани граѓани кои сакаат да дадат свој придонес за повисока општествена цел и да им помогнат на оние на кои им е најпотребно.

Средствата што ќе се соберат пред и за време на настанот ќе бидат донирани во СОС Детското село, кое воедно годинава одбележува 15 години постоење и успешна работа.

ИТ компаниите кои сакаат да земат учество, можат да се вклучат како поддржувачи на настанот, со тоа што пред самото случување, својата донација треба да ја направат на жиро сметката на СОС Детското село.

Настанот ќе биде од забавен карактер, каде ќе настапат познати имиња од македонската сцена како Пеце (Суперхикс) заедно со Breakdown бенд, Southpark бенд и Dj Боби.

Дел од прометот направен за време на неговото одржување ќе биде одвоен за донација, а дополнително, присутните ќе имаат можност на лице место да донираат во кутиите кои ќе бидат поставени за таа намена или преку купување на некои од промотивните материјали кои ќе бидат достапни.

СОС Детското село е меѓународна непрофитна организација за социјална заштита, посветена на заштита и примена на детските права, која дава поддршка на сите деца во ризик, особено на оние без родители и родителска грижа и оние чии семејства живеат во тешки услови.

Овој настан е одличен начин да се покаже грижата за општеството од страна на ИТ компаниите и луѓето кои работат во ИТ индустријата, и можност за социјализација во релаксирана атмосфера.