Италија ќе може да ја преброди зимата со постојните резерви на гас и ниво на проток, освен ако не се случат катастрофални настани, изјави министерот за енергетика Роберто Чинголани.
„Имаме склад со гас со повеќе од 90% капацитет“, изјави Роберто Чинголани за државниот телевизиски канал Rai Tre, додавајќи дека гасот сè уште пристигнува во Италија, која исто така може да се потпре на планот за штедење пред зимата.
„Нашите симулации покажуваат дека, со исклучок на катастрофални настани како што се многу студени зимски месеци или други воени настани во Украина, ние сме покриени за зимата“, рече тој.
„Проблемот во моментов не е достапноста на гасот, туку неговата цена“, рече Чинголани, додавајќи дека Рим издвоил други средства за да постигне нивоа на складирање од 92-93 отсто за да биде флексибилно за време на шпицот во зимската сезона.
Енергетската групација ENI, најголемиот италијански увозник на руски гас, во саботата соопшти дека нема да го добие гасот што го нарача за испорака овој викенд и очекува ситуацијата да трае до понеделник.
Прекинот придонесе за тензиите предизвикани од истекување на гас откриени минатата недела во гасоводите Северен поток 1 и 2 што ги поврзуваат Русија и Германија, што и Кремљ и Западот го припишуваат на саботажа.
Чинголани не го спомна прекинот на ENI, но рече дека темите на агендата за состанокот со рускиот амбасадор во понеделник во италијанското Министерство за надворешни работи ќе ја вклучуваат наводната саботажа на Северен поток.











