Италијанците ќе добијат бонус од 500 евра за летување во земјата

43

Во Италија, во август, поради правилата за ограничениот број луѓе на плажи, во ресторани и други јавни места, цената на десетдневен одмор би можела да се зголеми од 18 до 20% во однос на минатата година, процени здружението за заштита на потрошувачите Codacons.

Резултатите од анкетата на јавното мислење покажуваат дека повеќе од 50% од жителите на Италија не планираат летување, а од вкупниот број на оние што ќе патуваат, 90,2% од нив ќе летуваат во својата земја.

Се проценува дека почитувањето на мерките воведени за да се спречи ширењето на вирусот Ковид-19, кој тешко ја погоди Италија, ќе доведе до зголемување на цените.

Италијанската влада ги повика граѓаните ова лето да го поминат во својата земја, а како дел од пакет мерките за ублажување на ефектите од епидемијата одредија бонус од 500 евра за семејствата, со цел да им ги олеснат трошоците.

Сепак, Codacons процени дека чадорите, лежалките, паркингот, храната, пијалаците и другите услуги што се нудат на плажите ќе ги чинат Италијанците повеќе од порано.

Фото: Pixabay