Италијанската Trenitalia е најдобриот железнички оператор во Европа

Италијанската Trenitalia е рангирана на првото место како најдобар железнички оператор во Европа, според новата студија објавена во понеделникот.
Рангирањето го објави европската невладина организација Transport & Environment (T&E).

По Trenitalia следат швајцарскиот оператор SBB и чешката компанија RegioJet. Австрискиот ÖBB е четврти, пред францускиот SCNF.

„Trenitalia се издвојува по своето патничко искуство, SBB е најточниот оператор во Европа, а RegioJet има некои од најприфатливите цени“, се вели во извештајот на T&E.

Од друга страна, скапата и несигурна услуга го донесе Eurostar, кој ги поврзува Франција, Велика Британија, Белгија, Холандија и Германија, на дното на ранг-листата T&E, пренесува DW.

Еуростар „наплаќа речиси двојно повеќе од европската просечна цена по километар“, но е рангирана само на 14-тото место по доверливост, според извештајот.

Студијата оценила 27 железнички оператори во Европа врз основа на осум критериуми, вклучувајќи ги цените, доверливоста и искуството за резервации.

T&E истакна дека сите компании би можеле да ги подобрат своите стапки на точност.

„Сигурноста на главните железнички оператори во Европа сè уште е разочарувачка. Од 25 оператори со податоци за точност, само 11 постигнуваат стапка над 80 проценти“, се наведува во извештајот.

Германскиот Deutsche Bahn, познат по доцнењата и откажувањата на возовите, се рангираше на 25-то место по доверливост и на 16-то место во целина. И најголемиот европски железнички оператор има „лоши цени“.

„Нашата анализа покажува дека цените на билетите не се во корелација со повисокиот квалитет на услугата“, заклучува T&E.

Фото: Pixabay