Италијански бизнисмени во посета на Македонија

38

Италијанска делегација составена од претставници од компании од текстилна иднустрија, земјоделство и производство и информатичка технологија, деновиве ја посети Македонија со цел да реализира потенцијални инвестициски проекти.
Претставниците на овие компании се специјализирани во областа на корпоративни спојувања и аквизиции, како и инвестирање во странство и работа со најдобрите италијански стопански комори. Тие свои канцеларии имаат во Рим, Милано и Палермо.
Иван Бехаре, сопственик на адвокатското студио Легале Бехаре од Милано, по втор пат ја посетува Македонија со цел да отвори канцеларија за посредување со италијанските бизнисмени кои ќе сакаат тука да го прошират својот бизнис.
Станува збор за компании од областа на информатичките технологии, компанија која е производител на сигурносна опрема, тим кој ќе развива кардио-медицински туризам, развивање на проекти од областа на енергетиката и компанија која се занимава со истражување, проектирање и инженеринг.
Според Бехаре, италијанските компании се посветени на инвестирање во Македонија поради конкурентните трошоци за водење бизнис, образованата работна сила и логистичка предност.
“Италија е блиску до Македонија, лесно достапна со редовни авионски конекции. Бизнис-пријателската средина во Македонија претставува големо олеснување во споредба со италијанската бизнис клима базирана на зголемени даноци и затегнати регулативи. Италијанските претставници планираат инвестициски проекти во Македонија препознавајќи ги про – бизнис предности кои Македонија ги нуди. Следниот месец предвидуваме неколку компании да ја посетат Македонија како би ја донеле својата одлука за избор на локација”, се наведува во соопштението од кабинетот на министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф.
Италијанската делегација за време на престојот ги посети технолошко индустриските развојни зони, а исто така се сретна и со директорот на ТекноХозе.
Деновиве тие имаа средби со претставници во Министерството за земјоделство, на Агенцијата за поддршка на туризмот каде беа презентирани туристичките потенцијали на Македонија, а беше остварена посета на успешна ИТ компанија, како и посета на реномирани правни, сметководствени и менаџерски консултантски фирми.