Ивановски на конференција ITU Telecom World 2013 во Тајланд

37

Македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната средба со својот тајландски колега Анудит Накорнтап во Бангкок, ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија.

Според соопштението од Министерството за информатичко општество и администрација, министрите ја потенцираа можноста за воспоставување контакти помеѓу ИКТ коморите во двете земји, што ќе овозможи заедничка соработка во оваа област.

Ивановски ќе престојува во Бангкок до 22 овој месец, како учесник на конференцијата ITU Telecom World 2013. Министерт ќе се обрати на панел дискусијата Транформација во образованието – Важноста на ИКТ во образованието во 21-от век, заедно со потпретседателот на корпорацијата Интел, Џон Дејвис, министерот за комуникации и мултимедија на Малезија, Дато Шри Ахмад Шабери, министерот за транспорт и врски на Турција, Бинали Јилдирим и министерот за комуникации на Габон, Блез Луемб.

На  конференцијата ITU Telecom World 2013 ќе се дебатира и ќе се разменуваат знаења и искуства за вмрежување на глобалната ИКТ заедница, како една од основите за решавање на критични социо-економски предизвици. Акцентот ќе биде ставен на роботиката, виртуелизацијата на мрежите, 3D печатењето и носечките технологии. Настанот се одржува во соработка со Меѓународната телекомуникациска унија под мотото Усвојување на промените во дигиталниот свет.