
Сè поголем број богати Американци отвораат банкарски сметки во Швајцарија, како дел од стратегијата за „деамериканизација“ на нивните инвестициски портфолија, според инвеститорите и банкарите.
Швајцарските банки забележаа зголемување на интересот и отворањето на инвестициски сметки од страна на Американците со висока нето вредност во последните месеци.
„Тоа се случува во бранови“, вели Пјер Габрис, извршен директор на швајцарската финансиска консултантска фирма Alpen Partners International. „Кога беше избран [поранешниот претседател Барак Обама], го имавме првиот голем бран. Потоа дојде Ковид. Сега тарифите предизвикуваат уште еден бран“.
Габриc објаснува дека клиентите имаат различни причини за отворање сметка. Многумина сакаат да ги диверзифицираат своите имоти и да се дистанцираат од доларот, за кој веруваат дека дополнително ќе ослабне поради експлозијата на американскиот долг. Швајцарија е привлечна поради нејзината политичка неутралност, стабилна економија, силна валута и сигурен правен систем.
Други се мотивирани од политичката ситуација и, како што тврдат, падот на владеењето на правото во САД за време на администрацијата на Трамп. Некои одат чекор подалеку – отвораат швајцарски сметки за да купат физичко злато во земја позната по складирање и рафинирање на злато.
Габриc исто така наведува дека многу клиенти бараат престој или дури и државјанство во Европа и сакаат да купат недвижен имот. „Тоа е нивниот план Б“, додава тој.
Отворањето сметка во швајцарска банка е релативно едноставно, но мора да биде во согласност со строгите американски закони за финансиско известување. Иако големите американски банки не можат директно да отвораат швајцарски сметки за клиентите, повеќето имаат партнерства со швајцарски фирми кои се регистрирани во американската Комисија за хартии од вредност (SEC) и можат да работат со американски инвеститори.
Иако отворањето швајцарска сметка можеби некогаш носеше конотации на даночно затајување, денес процесот е високо регулиран, вклучувајќи детални даночни пријави и известување.
„Многу Американци денес сфаќаат дека 100% од нивното портфолио е во американски долари, па затоа мислат: „Можеби треба да се диверзифицираат“, заклучува Габриc.