Избрана победничката етикета за виното Шардоне на Тиквеш

31

e160e6d8-eb4d-42c5-8b67-c3b877865f67Првата награда на меѓународниот повик, што беше организиран од Skopje Design Week и винарската визба Тиквеш, припадна на креативното решение на Дијана Димитриевска.

Имено, уникатното дизајнерско дело ќе биде новата етикета на виното Шардоне на ВВ Тиквеш од овогодинашната берба.

На конкурсот учествуваа 247 креативци од 29 земји, а во Тиквеш пристигнаа вкупно 463 решенија. Поради големиот број квалитетни дизајнерски решенија, Винаријата одлучи, наместо една награда од 500 евра, да додели вкупно шест награди и тоа, 1500 евра за најдоброто решение, две награди од по 1000 евра за второпласираните и три награди од по 500 евра за третопласираните дизајни.

“Големиот број квалитетни креативни решенија ги надмина и нашите најоптимистички предвидувања. Ова е најдобар показател дека врвното вино на Тиквеш поседува високи вредности кои будат креативна инспирација не само кај домашните, туку и кај дизајнерите ширум светот. Тоа не мотивираше да го зголемиме наградниот фонд, затоа што Тиквеш е компанија која знае да го цени и соодветно да го награди квалитетот”, изјави маркетинг менаџерот на ВВ Тиквеш, Елена Младеновска Јеленковиќ.

Најдобрите дизајни исто така добиваат можност да бидат аплицирани на врвните производи на Тиквеш кои во иднина ќе се продаваат во земјава и светот.

“Ова е токму она што го посакувавме и што ни е потребно на сите нас кои сме со дизајнот, како дел од креативната индустрија, но и како поддршка на бизнисот на кој му е неопходна дополнителна вредност, естетика и препознатливост. Охрабрени сме од она што го постигнавме со Тиквеш, кој уште еднаш докажа дека има сенс за вредноста што ја носи со себе добриот дизајн. Тоа истовремено е одлична препорака и за останатите домашни компании дека вложувањето во идентитетот и брендот е оправдана инвестиција”, изјави директорот на Skopje Design Week, Александар Велиновски.

Во рамки на Skopje Design Week 2013 во Куршумли ан беше организирана и специјална изложба на ВВ Тиквеш – Најдоброто од југот, која поради одличниот прием кај посетителите, ќе биде дел и од останатите регионални фестивали и изложби за дизајн што ќе се одржуваат во текот на 2014-та година.

Посетителите на годинешниот Skopje Design Week имаа дополнителна можност да ги видат и уникатните парчиња мебел, помагала за домаќинство и декоративни предмети кои ги изработија 12 креативци од Македонија од амбалажа на Тиквеш.