Изготвени над 1.000 програми за земјоделските стопанства

17

На 13 овој месец почна шестиот повик од Програмата за рурален развој на Република Македонија, како владина мерка за унапредување, осовременување и интензивирање на македонското земјоделство со цел приближување кон европските стандарди на земјоделството. Во рок од пет дена, беа изготвени 1.003 програми за земјоделските стопанства, од кои 129 деловни планови беа испратени до Платежна агенција.
Игор Златков, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, информира дека во шестиот повик од Програмата за рурален развој на Република Македонија влегуваат три мерки.
Мерката 121 опфаќа инвестирање во модернизирање на земјоделските стопанства, претежно за оние кои се занимаваат со производство на житни и индустриски култури. Мерката 123 претставува инвестирање во преработка и маркетинг на земјоделските стопанства.
Мерката 131 претставува инвестирање во економско здружување на земјоделските стопанства, односно земјоделски задруги.
“Поради значењето на програмата, а во контекст и на Отворените денови на агенциите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за храна и ветеринарство и за поттикнување на развојот на земјоделството, ние одлучивме да спроведеме некои мерки со цел да бидеме во постојан контакт со граѓаните и земјоделците”, рече Златков.
Воведено е двосменско работење на Агенцијата, со што во попладневните и вечерните часови ќе може фармерите да се видат со советодавачите од Агенцијата. Зголемен е бројот на советодавачи во сите канцеларии со кои работи Агенцијата на територија на Република Македонија и се даваат советодавни информации, се изготвуваат програми и во дисперзираните канцеларии во Македонија.
Златков апелираше до сите фармери во Македонија да ги посетат, да разговараат и да добијат стручна помош за повеќе програми, за рурален развој, за ИПАРД или за решавање на некои нивни проблеми.
“Постои можност фармерите да се состанат со советодавачите во канцелариите или во нивните домови. На веб страницата на Агенцијата се истакнати сите 124 броеви од вработените. Доколку земјоделците не се во можност да не посетат, ние ќе одиме во нивните домови и фарми”, рече Златков.