Во “морето“ од дигитални медиуми, радиото можеби го губи својот примат, но за многумина тоа сè уште е неизоставен дел од секојдневието. Дали за слушање вести или музика во кола, на работа или дома, сепак радиото има посебна магија.
Според податоците на Eurostat, во земјите членки на Европската унија, во текот на 2017-та година, работеле 5.017 компании што биле регистрирани како радија. Ова е за 300 помалку во однос на претходната година и помалку од 5.641 компанија во 2013-та година.
Прометот кај овие компании во 2017-та година бил нешто над пет милијарди евра, што е пад од 6,9 милијарди евра во 2013-та година. Во текот на 2017-та, во овие компании биле вработени 48.345 лица, што е за 14% помалку oд четири години претходно.
Меѓу земјите коишто имаат најмногу радиодифузни компании што емитуваат радио програма се: Шпанија (963), Италија (720), Грција (622), Унгарија (310) и Португалија (293).
За разлика од нив, во овие земји е најмал бројот на радија: Луксембург (6), Естонија (10), Словачка (16), Литванија (23) и Кипар (27).
Од земјите во регионот, прва е Хрватска со 157, по што следуваат: Словенија (156), Босна и Херцеговина (92) и Србија (81). Во нашата земја има вкупно 62 радија или осум помалку одошто во 2013-та година. Зад нас е Бугарија со 56 компании што вршат таков вид на програма.