Израелски научници тврдат дека имаат метод за предвидување земјотреси

98

Серијата земјотреси што го погодија регионов во изминативе години, поттикна многумина да се запрашаат што може да се направи за нивно ефективно прогнозирање. Одговорот отсекогаш бил дека многу малку до ништо не може да се направи. Идните не можат да се предвидат, или барем не можеа да се предвидат до сега – ако треба да судиме според најновата студија на израелски научници.

Во списанието Remote Sensing, група истражувачи од Универзитетот Ариел објавија труд кој прецизно се занимава со предвидување на земјотреси. Самите автори на почетокот на трудот истакнуваат дека предвидувањето на земјотресите е предмет на контроверзии, пред сè кога станува збор за природни знаци кои би можеле да укажат на непосредна појава на земјотрес. Досега се сметаше дека може да има рани предупредувачки знаци за земјотреси во различни слоеви на земјината атмосфера, кои се резултат на зголемување на притисокот длабоко во Земјината кора.

Откривање на рани знаци во јоносферата

Нивната работа предлага употреба на современи технологии, како што се машинско учење и јоносферски податоци добиени со помош на GPS, со цел да се препознаат раните сигнали кои укажуваат на појава на земјотрес. Како основен индикатор за предвидување на локацијата и времето на земјотресот, се користи мерењето на полнежот во јоносферата (вкупна содржина на електрони), односно неговите промени кои произлегуваат од промените во Земјината кора.

Со користење на овие методи, заедно со филтрирање на податоците и автоматизирање на нивната обработка, постигнат е прилично висок процент на доверливост: оваа студија тврди дека со нивниот метод, разорните земјотреси, оние со магнитуда поголема од 6, може да се предвидат и до 48 часа однапред, со 80% точност. Кога станува збор за негативно предвидување, односно за идентификување на местото каде што нема да се случи земјотресот, овој метод покажува 85,7% сигурност.

Важно е да се нагласи дека студијата е спроведена за значајни земјотреси во светот кои се случиле во последните 20 години. Анализирани се достапните податоци од јоносферата снимени непосредно пред и по овие земјотреси и врз основа на ова е добиена веродостојноста на можното предвидување на идните земјотреси. Заклучокот на студијата е дека аномалиите во јоносферата навистина можат да послужат како ран показател за предвидување разорни земјотреси, доколку се анализираат со овој метод.