Вкупната вредност на извозот на стоки од Р. Македонија, во периодот јануари-април 2018 година, изнесува 109.008.586 илјади денари (1.771.121 евра) и бележи пораст од 14,3 % во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика. Вредноста на увезената стока, пак, за истиот период изнесува 147.867.914 илјади денари (2.402.608 евра) што претставува зголемување за 11,8 % во споредба со истиот период лани.
Трговскиот дефицит за првиот квартал од годинава изнесува 38.859.328 илјади денари, додека покриеноста на увозот со извоз во истиот период е 73,7 %.
Според податоците од ДЗС, во извозот најзастапени производи се катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта, како и облека. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во првите четири месеци од годината, според вкупниот обем на надворешно трговската размена, Р. Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.