Извозот намален за 15,2%, а увозот за 13,2% за девет месеци

22

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – септември оваа година, изнесува 4.056.540.000 евра и бележи пад од 15,2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.339.475.000 евра, што е за 13,2% помалку во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2020 година, изнесува 1.282.935.000 евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2020, изнесува 76%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – септември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

Фото: Freepik