Извозот од компаниите од развојните зони повеќе од 760 милиони евра годинава

50

Повеќе од 760 милиони евра се очекува да биде извозот што до крајот на годинава ќе го реализираат компаниите – инвеститори кои моментно работат во технолошко – индустриските развојни зони (ТИРЗ) Штип, Скопје 1 и Скопје 2.
Бројот на вработени годинава во зоните достигна 2.500 за разлика од лани кога беше 1.270 вработени. Проекцијата за 2014, само од постоечките капацитети, е 3.500 вработувања, соопшти директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Следната година извозот ќе се зголеми за 50% и ќе достигне до 1,2 милијарди евра. Потенцијално, учеството на извозот од индустриските зони во вкупниот македонски извоз може да биде една третина, нагласи Мизо.
Според предвидувањата на ТИРЗ, до 2015 година функционални ќе бидат сите 14 планирани индустриски зони во земјава.
Мизо потсети дека се почнати активностите од првата фаза за зоните во Кичево, Гевгелија и Прилеп, поставен е и камен-темелникот за зоните во Струмица и Тетово, а следната година ќе се реализираат и активностите за зоните во Радовиш, Струга, Делчево, Берово и Виница.