Извозот во јануари порасна за 15,4%, а увозот за 5,3%

47

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2021 година, изнесува 527.313.000 евра и бележи пораст од 15,4% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 622.770.000 евра, што е за 5,3% повеќе во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит во јануари 2021 година изнесува 95.457.000 евра. Покриеноста на увозот со извоз во јануари 2021 година изнесува 84,7%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска,хемиска и индустриска употреба, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Во јануари 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

Фото: Pexels