“Мојата препорака е дека ако сакате да бидете во нешто исклучително добри, одберете нешто за кое што сте пасионирани. Покрај работата, паралелно постојано учете. Ова особено важи за сите што се занимаваат со професии поврзани со технологија, бидејќи во светот на технологијата времето минува многу побрзо. Јас ги нарекувам кучешки години. Една година е како седум. Ако пропуштите една година, исто како да сте пропуштиле седум. Затоа не го губете времето”, препорачува Михајло Павлов, сопственик, креативен директор и директор на стратегии на Digital Star и косопственик на Creative House.
БИ: Започнавте со компанијата Digital Star, а потоа работата ја подигнавте на друго ниво, основајќи ја Creative House. Што беше клучното за да се случи Creative house?
Digital Star постои 11 години, но надвор од тесните професионални кругови претпоставувам е малку позната филмска и ТВ продукција кај нас, најмногу поради тоа што македонскиот пазар не ни е таргет. Можеби е време да се покажеме. Сметам дека така може да инспирираме и други компании да се охрабрат да освојуваат странски пазари. Компанијата 99% работи за странство. Во последните две години имаме изработено над 30 реклами и корпоративни филмови за американскиот, британскиот и францускиот пазар. Од најзвучните клиенти би ги издвоил Guess USA, за кои имаме изработено три корпоративни филмови. Од домашните клиенти ќе го издвојам Еуроимпекс за кого изработивме корпоративен филм оваа година.
Digital Star од своето формирање беше конципирана да има маркетинг одделение. Но, бидејќи тука главните луѓе беа филмски креативци, маркетинг одделението не се развиваше сè до 2011, кога решив да го стартувам тој сектор. Оној момент кога маркетинг одделението стана поголемо од продукцијата, сфативме дека треба да се формира посебен бренд. Така заедно со мојата пријателка Елизабета Лејтнер ги групиравме најдобрите луѓе од мојата и нејзината компанија и ја стартувавме Creative House.
БИ: За Creative House велите дека е македонска компанија која е на ниво на најуспешните светски фирми со сличен бизнис модел. Какви проекти имате во вашето портфолио?
Creative House е компанија специјализирана за маркетинг стратегии за продажба и бренд авернес кои ги реализираме главно преку дигитални платформи. Ние сме исклучително креативна компанија, но истовремено и исклучително high tech ориентирани. Креативност, наука и технологија. Оваа тројна комбинација заедно со Х – факторот коj дефинитивно го имаме нè прави многу успешни.
Според резултатите и глобалната ориентација немаме “меч” во поширокиот регион. Досега имаме направено кампањи во над 20 држави и може да кажам дека имаме исклучителни резултати.
Работевме за големи брендови како: GE (General Electric) во неколку држави од регионот и источна Европа, Shriners Hospitals for Children oд САД. Годинава имавме феноменални резултати со брендот Hugo Boss, каде нашиот клиент доби награда за најдобра продажба во светот во ударен период, (key consumption period), потоа истиот успех се повтори и со Max Factor. Предизвик беше и работењето за dm drogerie markt Македонија, каде што за една година успеавме да го направиме сајтот на македонската подружница најдобро рангиран според локалниот рејтинг, споредбено со целото семејство на dm drogerie markt. Веќе неколку години работиме за лидерите за витамини и суплементи во светот, британскиот HealthAid за Македонија и Србија, а се подготвуваме да преземеме други странски пазари за овој бренд.
Од македонските компании работиме за Болницата Филип Втори, Еурофарм аптеки, Виола аптеки, Стоби винарија, млекарницата Бучен Козјак, Еликсир екслузив парфимерии, OPI Македонија и многу други…
БИ: Освен канцелариите во Скопје, во подготовки сте да отворите канцеларии и во Њујорк, па во Торонто. Веќе сте присутни на преку 20 пазари и сте регионални лидери во она што го работите. Каде се гледате во следните пет години?
Успесите ни влеаја самодоверба. Сметаме дека ја имаме пронајдено формулата за успех, затоа одлучивме да го освоиме најдемантниот пазар во светот – американскиот.
Поддршката од моето семејство ги прави подготовките за овој голем чекор да одат со леснотија. Веќе е завршена и обезбедена документацијата за легален престој и работа во САД, а во континуирани подготовки е отворањето на канцеларијата во Њујорк. Сето тоа ќе се случи најдоцна до август 2016, па следно интервју ќе ви го дадам од таму. 🙂
БИ: Држите предавања за маркетинг стратегии и несебично го споделувате стекнатото знаење и искуство. Што би им препорачале на идните менаџери во однос на доедукацијата и постојаното вложување во себе?
Mногу вложувам во сопствена едукација, постојано и без да правам пауза, практично паралелно со искуството. Само во последнава година имам поминато обуки за дигитален маркетинг со имиња како Amy Porterfield, Mari Smith, Ajit Deshpande и други. Ја посетив бизнис школата на Ivey во Канада, исто така оваа година посетив и некои од водечките компании од полето на дигиталниот маркетинг во Њујорк, Торонто и Лондон и имав прилика да разговарам со нивните сопственици или менаџери за бизнис моделите. Член сум и на Глобалниот клуб на CEED. Овој клуб го препорачувам на секој бизнисмен од Македонија што има глобални аспирации. Навистина, моето искуство со CEED глобал е феноменално. Последно што имавме можност е да добиеме тренинг од Jerry Colonna, за лидерството и предизвиците на претприемачите. Овие тренинзи најчесто се во многу мали групи, па добивате шанса да разговарате еден на еден.
Секогаш кога добивам покана да пренесам дел од моето знаење, со задоволство прифаќам. Последно бев предавач на Фармацевтскиот факултет на тема Современи трендови во фармацевтскиот маркетинг. Неколку пати сум гостувал на предавањата на CEED, пред македонските претприемачи говорев на тема Маркетинг стратегии користејќи платформи на дигитални медиуми, потоа во научниот клуб на болницата Филип Втори и други.
Мојата препорака е дека ако сакате да бидете во нешто исклучително добри, одберете нешто за кое што сте пасионирани. Покрај работата паралелно постојано учете. Ова особено важи за сите што се занимаваат со професии поврзани со технологија, бидејќи во светот на технологијата времето минува многу побрзо. Јас ги нарекувам кучешки години. Една година е како седум. Ако пропуштите една година, исто како да сте пропуштиле седум. Затоа не го губете времето. 🙂