Ја поставив својата цел, ја насочив позитивната мисла и со голема љубов тргнав по својот пат

71
gl
Александра Робев, сопственик на студио за графички дизајн Карма ДС

За Александра Робев, Mагистер за графички дизајн, сопственик на студиото за графички дизајн Карма ДС, довербата е клучот на секоја комуникација, како со вработените, така и со надворешните соработници. Семејството е најважно, тоа е целата движечка сила и љубов за сите предизвици во животот. За работата со големи странски брендови вели дека е едноставно, ги учат клиентите на основните дизајнерски начини на комуникација, а тие пак на нивните начини и со вистинска, искрена и навремена соработка, сите проекти се завршуваат со успех.

БИ: Карма ДС стои зад рекламните на многу големи брендови во Македонија и надвор од неа. Кои услуги ги нудите, по што сте препознатливи?

Да, Карма ДС е студио за графички дизајн со седиште во Скопје, кое функционира од 2006 година, работиме за големи брендови кои постојат во Македонија и горди сме што таа успешна приказна беспрекорно функционира веќе осум години. Нашата примарна дејност е графичкиот дизајн, односно ликовно графичко осмислување на комлетен корпоративен бренд, оддржување на квалитетот на брендот и негово претставување на пазарот. Во нашето долгогодишно искуство, веќе имаме широко портфолио на креативни реклами. Филозофијата на креативната мисла на која Карма ДС се фокусира е “Design for Life”. Работата опфаќа секаков вид на креативни содржини (флаери, весници, билборди, изработка на професионална фотографија, web сајтови…) кои можат да допрат до потрошувачите, а со тоа и да го запознаат брендот. Па така, нашата успешна приказна е длабоко поврзана со T-Home, T-Mobile, Porsche Македонија, Porsche Косово, Виталија, Фитофарм, Авицена лабораторија, Авицена дијагностика, Агенција за туризам на Македонија, Глобко логистик, Глобекс, Попова Кула Винарија, PriceWotherHouseCoopers, Hoffman La Rosche, Synthesis, Прокредит Банка Скопје, Diners Macedonia…

3

БИ: Во Вашата работа многу е важно да сте во тек со најновите трендови во маркетингот. Колку Вашите клиенти од Македонија ги следат светските трендови?

Нашите клиенти, како високореномирани странски и домашни компании, добро знаат што значи квалитетен маркетинг, особено дизајнот на креативните материјали. Тоа е најголемата одговорност што ние дизајнерите ја имаме, ние сме првата комуникација со големиот пазар на потрошувачи. Па оттаму и следењето на светските трендови е дел од секојдневниот начин на дообука. Сега барем интернетот е широко достапна алатка за се, па така освен обуките што ги имаме на годишно ниво, сите дизајнери во Карма ДС имаат огромна слобода на самоизразување и директна комуникација со клиентите. На овој начин довербата и поддршката што ја добиваме е најсилна. Слободно можам да кажам дека никогаш немаме изгубено клиент.

4

БИ: Какво е чувството да се работи за големи брендови? Дали големината на брендот значи поголем притисок и повеќе стрес?

На почеток е секогаш стресно и постои притисок кој уште повеќе ја зголемува концетрацијата и мотивацијата, да се стиснат заби за да се издржи, но штом првиот проект заврши, довербата е веќе воспоставена и потоа работите си течат сами. Едноставно е, ние ги учиме клиентите на основните дизајнерски начини на комуникација, а тие пак нас на нивните начини и со вистинска, искрена и навремена соработка, сите проекти се завршуваат со успех. За нас е огромна чест да работиме и да се грижиме за правилно претставување на големи брендови како што се Т брендовите на Дојче Телеком во Македонија. Имаме постојана секојдневна комуникација со одговорните лица од Германија и Македонија, дел сме од тоа семејство како рамноправни членки на светско ниво, со сертификати за квалитет како Т Бренд тренери.

1

БИ: При вработување на нови луѓе, на што гледате повеќе, на претходното искуство или на креативноста?

Во моето досегашно искуство на потрага по добри дизајнери, препораките и доброто креативно портфолио се најважните нешта кои ги гледам. Се покажа дека искуството и не е така најважно, туку креативноста и пред се, љубовта кон оваа работа. Ако вработениот ги добие сите потребни услови (високонапредни графички копјутери, монитори и оригинални софтвери), тогаш останува само креативноста да излезе на виделина. Јас се трудам секогаш да имаме убава, весела и релаксирана атмосфера во нашето студио. Многу е важно вработените да се исполнети, да се чувствуваат почитувани, потребни, наградени, само на тој начин тие ќе го дадат своето најдобро од себе. Нашиот однос е повеќе како семеен, заедно споделуваме и тешкотии и среќа. Довербата е клучот на секоја комуникација, како со вработениот, така и со надворешните соработници.

2

БИ: Кој проект Ви бил најголем предизвик до сега?

Најголем проект и предизвик беше 2008 година кога го ребрендиравме Македонски Телеком во Т-Home. Најпрво следеше обука од најголемата светска маркетинг агенција Interbend, па потоа настапивме на сцена ние. Е тоа беше навистина подвиг, се работеше од утро до ноќ неколку месеци. Постојано во соработка со Interbrend, но се заврши со голем успех. И од тогаш нештата многу се променија, едноставно се тргна на подобро, повеќе немаше стравови од типот можеме – не можеме, се беше возможно. Како велат мудрите, ја поставив својата главна цел, ја насочив својата позитивна мисла и со голема љубов тргнав по својот пат. Тоа е мојата Карма :).

БИ: За време на кризата, многу компании скратија од буџетот во делот на маркетингот. Како ова се одрази врз Вашето работење? Со какви проблеми најчесто се соочувате во работата?

Кризата за жал се почувствува и кај нас во нашата дејност, особено 2013 година, но тоа е зад нас. Работите се подобруваат и надеж секогаш постои, како за нови клиенти, така и за подобри времиња. Проблеми нема многу, и кога ќе се појават се решаваат, некои полека, некои побрзо, но важно е дека се решаваат и фала му на Бога, не оставаат белези. Наплатата е на добро ниво, со комуникацијата немаме проблем, па така не им оставаме многу простор на лошите мисли да владеат.

5

БИ: За себе велите дека сте зависник од адреналин. Како го минувате слободното време? Колку успевате да избалансирате меѓу приватниот и деловниот живот?

Јас ја имам таа среќа во животот кога моето хоби, мојата професија и мојата голема љубов да е токму мојата работа. И тогаш е многу поедноставно да се избалансираат нештата на релација семејство и работа. Семејството е најважно, тоа е целата движечка сила и љубов за сите предизвици во животот. Јас ја имам најголемата поддршка токму од семејството, мојот сопруг, децата. Насмевките и љубовта која ја споделуваме ме одржува да функионирам успешно и дома како мајка, сопруга, па и како работодавач, дизајнер и се што е потребно за добро избалансиран живот. Инаку да, често адреналинот го користам како средство за самоодржување, љубител сум и сопственик на убави мотори, автомобили, летаме со параглајдери со моите пријатели, се на се можам да кажам дека успевам да избалансирам се во животот. Се надевам дека ветерот секогаш ќе дува поволно во мојот грб и понатаму во животот :).

БИ: Што планирате за во скора иднина? Некакво проширување на бизнисот, воведување на нови услуги?

logo 2Потребата од проширување во бизнисот е неминовна, така и следните чекори се токму тие. Се повеќе нашите клиенти, особено странските, се ориентирани кон web комуникацијата, потребата за изработка на интерактивни, модерни сајтови и алатки за web се иднината. Тука го гледам проширувањето. Здравје, да сме живи, здрави и насмеани, секогаш патот ќе е отворен за сите.