Јакнење на транспарентноста е предизвик за НБРМ

14

Постојаното јакнење на транспарентноста, односно унапредувањето и развивањето на комуникацијата со јавноста, вклучително и со носителите на јавното информирање е предизвик и за Народната банка на Република Македонија, ова, меѓу другото, го истакна гувернерката Анита Ангеловска – Бежовска, на работилницата за новинари во организација на НБРМ.

“На редовна основа посветено работиме за да одговориме соодветно на предизвикот, и тоа истовремено посветувајќи внимание на двата пункта на комуникацијата – непосредната комуникација со јавноста и комуникацијата со медиумите. Се трудиме, во рамките на можностите, да ги следиме најдобрите практики на европската централнобанкарска заедница, а тоа во голема мера е забележливо и преку оценките за нашата транспарентност. Притоа, настојуваме да не биде зголемен само интензитетот, туку и квалитетот на нашата комуникација. Овде би ја споменала практиката на постојано подобрување на квалитетот на информациите и анализите коишто ги објавуваме, подобрување на методолошките објаснувања за статистичките податоци коишто ги објавуваме, навремено информирање за сите новини во статистичките истражувања, подобрување на структурата на нашата веб-страница, започнување со паралелно објавување статистички податоци и статистички соопштенија за нивно објаснување, при што меѓународната споредливост на нашите податоци ја обезбедуваме преку постојано спроведување на најновите меѓународни стандарди, а во тек е финализирање на проект за создавање аналитичка алатка за полесен пристап и пребарување на статистичките податоци од страна на сите надворешни корисници. Се надеваме дека нашата посветеност на овој план веќе е видлива и за вас, претставниците на медиумите, коишто секојдневно ја анализирате нашата работа, следејќи ги соопштенијата, податоците и ставовите коишто произлегуваат од централнобанкарското работење во земјава“, изјави гувернерката пред новинарите.

Последната светска економска криза, како што истакна таа, уште еднаш ја потврди неопходноста од развиена комуникација и транспарентност и беше поттик за многу централни банки да обезбедат проактивен пристап во унапредувањето на својата транспарентност. Денес, како што во една пригода нагласи и првиот човек на ЕЦБ, Марио Драги, комуникацијата на една централна банка самата по себе претставува своевидна алатка на монетарната политика. Покрај бројните иновирања со монетарните инструменти заради стабилизирање на финансиските пазари и поттикнување на економијата, централните банки почнаа да вложуваат многу повеќе напор во подобрувањето на квалитетот и квантитетот на комуникацијата за нивните мерки, вклучително и за нивните идни мерки. Имено, централните банки не само што се трудеа подобро да ги објаснат мерките коишто ги преземаа и причините поради кои се прави тоа, туку и известуваа за идните можни мерки (поставеност на монетарната политика), што претставува значајна новина во централнобанкарското работење.

“А зошто е потребно сево ова? Добрата комуникација ќе овозможи сите економски агенти подобро да ги разберат причините и целта којашто треба да се постигне, а со тоа ќе се поттикне и нивното соодветно однесување заради постигнување на целите. Нејасната или недоволната комуникација, пак, може да го доведе во прашање остварувањето на основните цели, бидејќи централните банки не делуваат директно на целите, туку треба да влијаат врз однесување на економските агенти заради постигнување на целта. На пример, централната банка не може директно да делува на инфлацијата, но преку своите мерки ‒ намалување на каматната стапка, или зголемување на обемот на ликвидност во економијата ‒ може да делува стимулативно врз банките за подобрување на условите за финансирање, но и врз кредитобарателите за зголемена побарувачка, коешто ќе придонесе за придвижување на побарувачката за стоки и услуги во посакуваната насока и постигнување на инфлациската цел. Впрочем, и емпириските истражувања во централнобанкарската заедница потврдуваат дека, во глобални рамки, комуникацијата на централните банки е клучна за одржување на ниското ниво или за намалување на стапката на инфлација, а во многу случаи дури и за намалување на нестабилноста во реалната економија“, изјави Ангеловска – Бежовска.

Комуникацијата е тековен предизвик за централните банки. Веќе е неспорно дека ефективната комуникација на централнобанкарските институции со јавноста, секогаш ќе се карактеризира со одреден степен на флексибилност и приспособливост, во зависност не само од економското опкружување, туку и од интересот на јавноста и трендовите во делот на каналите и медиумите за комуникација и информирање, коишто поради развојот на технологијата и дигитализацијата, секојдневно се менуваат, се развиваат, се унапредуваат.