Јапонија ја скратува работната недела

187

Јапонците се познати како вреден народ, но властите во Токио имаат намера да им овозможат на своите граѓани да ја подобрат рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот. Во најновите насоки за водење економска политика што јапонската влада ги изработува секоја година, на работодавачите им се советува на вработените да им овозможат работна недела од четири наместо пет дена.

Пандемијата веќе предизвика сериозни промени во јапонските корпорации, од кои многу се познати по конзервативните и традиционалните стандарди за работа. Властите сега се надеваат дека ќе ги убедат претпоставените дека флексибилното работно време, работата од далечина и други иновации, може да бидат корисни и по завршување со пандемијата, пренесува Дојче Веле.

Според властите во Јапонија, четиридневната работна недела ќе им овозможи на компаниите да ги задржат оние вработени кои инаку би биле принудени да ја напуштат работата ако планираат да основаат свое семејство или се грижат за постари лица во семејството. Многу од работниците, исто така, на овој начин ќе имаат време да стекнат и дополнителни квалификации, па дури и да работат две работи. Но, најмногу од сè, слободното време ќе ги мотивира луѓето да трошат и повеќе пари, што значи и поддршка за економијата.

Јапонија се соочува со сериозна демографска криза што е предизвикана од нискиот наталитет. Целта на овој план за пократка недела е на младите луѓе да им даде повеќе можности и услови за приватен живот.

Фото: Pexels