Јапонски град забрани истовремено да се оди и гледа во мобилен телефон

52

Град во Јапонија, минатата недела забрани навика што ја гледаме ширум светот – одење со очите фиксирани на мобилниот телефон.

Патниците кои пристигнуваат на централната станица во Јамат, град со 250.000 жители, ќе бидат пречекани со известувања, писмено и звучно, за новововедената забрана којпшто се однесува за одење на сите улици, плоштади и паркови.

“Додека шетате во градот, забрането е користење на паметен телефон. Ве молиме користете ги вашите телефони кога ќе престанете да одите”, се слуша од звучниците.

Се чини дека невообичаената забрана има широка поддршка од граѓаните, младите и старите. И иако досега не е пропишана казна, ретко кој ја крши.

“Често сум видел како луѓето шетаат наоколу гледајќи во своите мобилни. Не обрнуваат внимание на работите околу нив“, вели 64-годишниот Кензо Мори.

И тинејџерката Арика Ина се согласува дека може да биде опасно. “Но, не мислам дека треба да се воведат забрани. Тоа би требало да биде прашање на општа пристојност“.

Истражувањето на јапонската телекомуникациска компанија NTT, спроведена пред неколку години, покажала дека пешаците кои зјапаат во мобилен губат 95% од видното поле.

Компанијата спровела компјутерска симулација која покажува што ќе се случи ако 1.500 луѓе ја преминат улицата пред станицата Шибуја во Токио, најпрометниот пешачки премин во светот и во исто време гледаат во своите мобилни.

Резултатите покажале дека две третини од пешаците не би преминале на другата страна без инциденти, судир или паѓање.

Фото: Pixabay