Јавен повик до училиштата за учество во Европски квиз на пари

108

Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност објавува јавен повик до основните и средните училишта во земјава за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на пари.

Инаку, овој квиз е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран е на финансиска едукација на ученици од 13 до 15 години.

Европскиот квиз на пари се одвива во две фази – првата фаза се национални натпревари во секоја земја поединечно, а втората фаза е европското финале.  Националниот натпревар во Република Северна Македонија ќе се одржи на 23-ти март оваа година. Најдобрите двајца ученици ќе ја претставуваат нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на 29-ти април 2020 година во Брисел, Белгија.

Европската банкарска федерација на училиштата ќе им додели парична награда во износ од 3.000 евра за прво место, 2.000 евра за второ место и 1.000 евра за трето место.

Натпреварите ќе се реализираат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра. Финалниот натпревар во Белгија ќе се одвива на мајчин јазик на учесниците.

Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија, најдоцна до 31 јануари 2020 година на следнава електронска адреса на Македонската банкарска асоцијација: info@mba.mk.

Притоа, треба да се има предвид следново:

  • Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови;
  • Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето;
  • Заедно со податоците за одделенијата/класовите треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.

Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за  националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на пари се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.