Јавни личности и родители со црвен картон за булингот

45

 

Препознај, реагирај! Црвен картон за булингот! – под ваков слоган, утревечер, во 20 часот, на плоштадот Македонија, ќе се промовира новото, 31-во издание на уличното списание Лице в лице, посветено на тема: Врсничко насилство, а во соработка со Првата детска амбасада во светот Меѓаши и со Иницијативата против булинг на група родители.

Бендот Љубојна, поп-пејачката Кристина Арнаудова и водителската четворка од Утринска на Телма: Цеце, Марко, Елена и Гоце, ќе бидат промотири на новиот број на списанието на утрешниот настан, чија цел е подигнување на јавната свест за ова важно прашање од нашето опкружување.

Тие ќе им дадат поддршка на продавачите на списанието Лице в лице и заедно со нив ќе поделат и црвени картони, кои симболично треба да ја означат битката која треба да ја водиме против овој комплексен проблем, како и да укажат на нашата подготвеност да размислуваме и делуваме потрезвено кога се во прашање младите.
“Одлуката за да се стави оваа тема во фокус, доаѓа оттаму што ваквата форма на непосакувано и агресивно однесување, која е најприсутна во училиштата, и не само таму, зема голем замав, алармирајќи дека може да има далекусежни последици врз психолошкото здравје на младите. Вредностите кои треба да се развиваат кај младите се емпатијата, сочувството, солидарноста, алтруизмот, и затоа нашиот придонес ќе биде ставање светло на овој општествен проблем, кој, заради својата природа, не секогаш лесно се детектира и препознава – велат од списанието.

Оваа активност е дел од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, и кои ќе се организираат во периодот од 19 до 23 јуни, 2018 година, низ Република Македонија.