Јавноста ќе следи колку капитални инвестиции реализирал секој буџетски корисник

54

Од денеска целата јавност ќе може да ја следи реализацијата на капиталните инвестиции за секое министерство, дирекција, агенција, односно секој буџетски корисник одделно и преку тоа да влијае на институциите да го подобрат извршувањето, стои во соопштението.

На веб-страната на Министерството за финансии е објавена нова алатка за транспарентност, којашто покажува колку од капиталните расходи предвидени со Буџетот секоја институција има реализирано досега – како процент од планираното и апсолутен износ, како и колку до крајот на годината треба да реализира.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска неодамна ја најави оваа алатка, во насока на зајакнување на транспарентноста и на дисциплината на институциите да ги реализираат проектите кои ги најавиле при кроење на буџетот.

“Во дигиталната ера имаме широк простор за подобрување на фискалната транспарентност. Освен отченоста кон јавноста за трошењето на државните пари, фискалната транспарентност има улога и на коректор. Ако јавноста лоцира дека одредена институција има помала реализација на капиталните инвестиции од очекуваното, преку јавното мислење ќе може да влијае на таа институција да го подобри перформансот. Се разбира, дека оваа алатка е само една од повеќето мерки за унапредување на процесите на буџетирање и извршување на буџетот. Програмата за управување со јавни финансии вклучува бројни реформи меѓу кои и интегриран информациски систем за управување со јавни финансии, со кој ќе се подобри целокупниот процес од планирање до реализација на расходите“, вели Ангеловска.

Алатката, којашто ја покажува реализацијата на капитални инвестиции по институција на веб-страната на Министерството за финансии, ќе објавува нови податоци на месечно ниво. Истата може да се најде на http://kapitalni-rashodi.finance.gov.mk/.