Јовановиќ: Скокот во цената на храната во Македонија дефинитивно доаѓа од дома

998

Најновиот скок во цената на храната во Македонија дефинитивно доаѓа од дома. Во септември, во однос на август, цената на храната во Македонија пораснала за 3%, што е огромен раст (на годишно ниво, ова е 36%). Во истото ова време, глобалните цени на храната се намалуваат. Во септември, во однос на август, според податоците на ФАО, цената на храната на светско ниво е намалена за 1.5%, вели во интервју за „Бизнис инфо“ Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Поранешниот советник во Кабинетот на министерот за финансии е дециден дека треба да се оданочуваат фирмите кои остваруваат високи профити во оваа криза, и тие пари да се пренасочат за помош на оние кои се најпогодени од кризата, а тоа се сиромашните и малите фирми.

-Едноставно, она што се повисоки трошоци за едни, во исто време се повисоки добивки за други. Државите не смеат да дозволат, додека мнозинството граѓани осиромашуваат, мала група луѓе да се богатат, и затоа мора да се постават како современ Робин Худ, вели Јовановиќ.

На прашањето дали за Македонија повеќе одговара прогресивен или рамен данок, без дилема вели „прогресивен“.

Главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ) Филип Лејн предлага да се оданочуваат високите приходи и супердобивките на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација и да се избегне зголемување на јавниот долг. Треба ли да се преземат слични чекори и во земјава?

Апсолутно треба да се оданочуваат фирмите кои остваруваат високи профити во оваа криза, и тие пари да се пренасочат за помош на оние кои се најпогодени од кризата, а тоа се сиромашните и малите фирми. Оваа криза, предизвикана од инфлацијата, е таква што нема да доведе до огромен пад на БДП како што направи пандемијата (барем моменталните очекувања се такви), но затоа ќе погоди различно различни групи во општеството. Едноставно, она што се повисоки трошоци за едни, во исто време се повисоки добивки за други. Државите не смеат да дозволат, додека мнозинството граѓани осиромашуваат, мала група луѓе да се богатат, и затоа мора да се постават како современ Робин Худ. Многу држави во Европа моментално преземаат чекори за оданочување на екстра добивките на фирмите, а некои веќе и го направија тоа (Грција, на пример). ЕУ пред некоја недела донесе одлука за воведување данок на екстра добивка, кој би ја даночел добивката која надминува 20% од просечната добивка од последните три години, со стапка од минимум 33% (оставено е на државите членки да одат и со повисока стапка ако сакаат). Со тоа планираат да соберат минимум 140 милијарди евра, кои ќе се искористат за субвенционирање на повисоките цени на струјата за домаќинставата и фирмите. Ова е чекор во вистинска насока, но недостатокот е што данокот сега за сега би се однесувал само на енергетските фирми, иако има и други фирми кои се богатат во кризава, како супермаркетите, или банките, и стапката од 33% е веројатно прениска (Грција воведе стапка од 90%).

Зошто инфлацијата во Македонија, барем според опозицијата, е повисока отколку во повеќето европски земји? Дали е точно дека скокот на цените е увезен или се вклучени некои внатрешни фактори?

-Најновиот скок во цената на храната во Македонија дефинитивно доаѓа од дома. Во септември, во однос на август, цената на храната во Македонија пораснала за 3%, што е огромен раст (на годишно ниво, ова е 36%). Во истото ова време, глобалните цени на храната се намалуваат. Во септември, во однос на август, според податоците на ФАО, цената на храната на светско ниво е намалена за 1.5%. Цената на млекото и млечните производи во светот во септември е намалена за 0.6% во однос на август, во Македонија слушаме најави дека цените повторно ќе растеле. Домашните трговци, едноставно, ја искористуваат ситуацијата и ги зголемуваат цените повеќе отколку што е потребно, за да си ги зголемат добивките. Затоа државата мора да интервенира. Едниот начин на кој може да го направи тоа е преку даночење на екстра добивката, а вториот е преку ограничување на цената на основните прехранбени производи. Мерката што владата сега ја применува, за замрзнување на маржите, се покажува како неефективна. Многу е поефективно да се замрзнат (или ограничат) цените на основните производи, како што направија Србија, Албанија, а од неодамна и Хрватска. Србија и Албанија не случајно имаат најниска инфлација во регионот. И не е точно тоа дека замрзнувањето на цените ќе доведе до недостиг на производи. Србија има замрзнати цени 10 месеци, па ништо не им фали. Албанија има 6 месеци, и пак нема проблеми.

Како го оценувате концептот за даночна реформа кој го „турка“ министерството за финансии и за кој имаше јавни дебати во текот на летото?

Добро е што владата конечно сфати дека е потребна даночна реформа, но оваа реформа што ја предлагаат сега не е она што ѝ треба на државата. Двата главни столба на реформата се оданочување на реинвестираната добивка на фирмите, и оданочување на хонорарците со придонеси. Оданочувањето на реинвестираната добивка ќе ги намали инвестициите во државата, и со тоа ќе ја продлабочи моменталната криза, а исто така ќе ги погоди особено помалите фирми, бидејќи тие тешко доаѓаат до финансии за инвестирање. Оданочувањето на хонорарците со придонеси како прво е правно неиздржано – во 2015 година, кога претходната влада го направи истото, беше поднесена претставка до Уставен суд за оценка на уставноста на ова (судот не донесе одлука, бидејќи владата во меѓувреме се откажа од идејата). Како второ, оданочувањето на хонорарците со придонеси е погрешно и од социјална гледна точка, затоа што хонорарците се всушност најексплоатираната категорија работници, без постојано вработување и постојани приходи. Така што, реформата во крајна инстанца се сведува на даночење на оние кои немаат, а не на оние кои имаат, што е сосема погрешно, особено во оваа криза. Наместо овие работи што се предлагаат, владата треба да воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка, односно, да ги даночи оние кои имаат и можат да издржат да платат повисоки даноци.

Земјава со години како да „бега“ од прогресивно оданочување, иако оваа влада пред 6 години го воведе но потоа се откажа од неговото користење. Прогресивен или рамен данок повеќе одговара за земјава, според вас?

Прогресивен данок, без никаква дилема. Македонија има огромни класни разлики – најбогатите 1% од луѓето заработуваат 14 пати повеќе од просекот во државата, што е најмногу од сите европски земји. Овие најбогати 1% плаќаат даноци по пониски стапки од работниците кои се на минимална плата. Конкретно, менаџер што има плата од 200.000 евра месечно (а има такви во државата), плаќа данок на личен доход и придонеси по стапка од 12%, додека текстилна работничка со минимална плата, плаќа даноци со стапка од 34%. Слично е и со фирмите. Фирмите со највисоки добивки во државата, кои надминуваат милион евра, плаќаат пониски ефективни даноци од останатите фирми, поради бројните даночни ослободувања кои ги имаат. Овие работи мора да се сменат, а можат да се сменат само со прогесивен данок, и на личен доход, и на добивка.

Кои се клучните предности и кои се слабостите на локалната економија и воопшто економската политика во овој момент, имајќи ги предвид актуелните настани во Украина и светот?

-Првиот проблем е инфлацијата, односно скокот на цените. Инфлацијата ја намалува куповната моќ на парите, што значи дека луѓето и фирмите помалку трошат (во реални износи), што понатаму ја забавува економската активност. Инфлацијата, исто така, ја нарушува довербата и креира неизвесност, што значи дека фирмите помалку инвестираат, затоа што не знаат што ќе се случува. Вториот проблем се високите каматни стапки. Многу централни банки, како последица на инфлацијата, ги кренаат своите каматни стапки, што доведе до скок и на каматите на банките и на финансиските пазари. Повисоките камати значат дека кредитната активност ќе забави, што дополнително ќе ги успори економиите. Третиот проблем е што државите почнуваат да применуваат рестриктивна фискална политика. Поради повисоките камати, државите не можат да се задолжуваат толку лесно како изминатите години, што значи дека мораат да ги намалат своите трошења. Пониските трошења од страна на државите дополнително ја успоруваат економската активност. И последниот проблем е што многу европски држави зимава можат да се соочат со недостиг на гас и струја, поради одлуката на Русија да ги запре испораките на гас преку Северен поток. Како последица на тоа, може да дојде до затворање на одредени производни капацитети на одредено време, што несомнено, повторно ќе има сериозни економски импликации.

В.З.