
Од 19 до 917 евра по жител: Како земјите од ЕУ ги распределуваат буџетите за истражување?
Владите на земјите од Европската Унија одлучија во текот на 2025 година да издвојат 130,2 милијарди евра за истражување и развој (R&D), што одговара на износ од 0,69 проценти од бруто домашниот производ на ЕУ, според најновите податоци на Евростат.
Во споредба со 2024 година, кога за овие цели беа издвоени 127,14 милијарди евра, средствата се зголемија за 2,4 проценти.
Растот е уште поизразен кога се гледа во подолг период. Во споредба со 2015 година, кога буџетските средства за истражување и развој изнесуваа 81,14 милијарди евра, тие се зголемија за дури 60,5 проценти за десет години.
На ниво на Европската Унија, буџетските средства за истражување и развој во 2025 година изнесуваа 288,9 евра по жител. Тоа е за 57,7 проценти повеќе отколку во 2015 година, кога просекот беше 183,2 евра по жител.
Меѓу членките на ЕУ, Луксембург е убедливо водечки, каде што од буџетот за истражување и развој се издвојуваат 917,2 евра по жител. Следат Данска со 627,1 евра и Германија со 553,5 евра по жител.
На другиот крај од листата е Романија, со само 18,8 евра по жител. Ниски средства се забележани и во Унгарија, 57,4 евра, како и во Малта, каде што тие изнесуваат 73,7 евра по жител.
Податоците се однесуваат на средствата од државниот буџет за истражување и развој (GBARD), кои вклучуваат средства што владите планираат да ги финансираат научните истражувања, технолошкиот развој и иновациите.
Во споредба со 2015 година, Романија беше единствената членка на ЕУ што забележа намалување на буџетските средства за истражување и развој по жител. Средствата беа намалени за 9,6 проценти, од 20,8 на 18,8 евра. Сите други земји-членки забележаа раст, од 14,7 проценти во Шведска до дури 495,5 проценти во Бугарија, каде што средствата се зголемија од 15,5 на 92,3 евра по жител, според податоците на Евростат.
Кога станува збор за распределба на средствата, најголемиот дел од буџетот, 37,3 проценти, е насочен кон општ развој на знаењето преку средства на јавните универзитети. Други 18,4 проценти беа наменети за општ развој на знаењето од други извори, 9,5 проценти за индустриско производство и технологија, 6,7 проценти за здравство, додека 5,8 проценти од буџетот за истражување и развој беа насочени кон одбрана.












