Кај хрватски производители на вино и со хрватски етикети открија вино од Македонија, Италија и Чиле

116

Земјоделската инспекција на Државниот инспекторат на Хрватска, во голема акција за сузбивање на трговијата со фалсификувана и недоволно квалитетна храна и пијалаци, откри вино од Северна Македонија, Италија и Чиле, пренесува МИА.

“Во голема акција на Европол и Интерпол под кодно име ОПСОН 2020 поддржана од 83 земји, хрватската инспекција изврши контрола на вкупно 275 субјекти на етикетирање на вино и силни алкохолни пијалаци, пласирани на пазарот“, објави хрватскиот Државен инспекторат.

Како што е наведено, откриено е дека пет контролирани субјекти ја имаат злоупотребено употребата на хрватските традиционални термини – квалитетно вино со контролирано географско потекло и врвно вино со контролирано географско потекло, на вина кои не се од хрватско потекло, но потекнуваат од Северна Македонија (едно вино), Италија (два вина) и Чиле (два вина). Акцијата OPSON беше поддржана од Европската канцеларија за борба против измами (OЛАФ), Европската комисија и Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (EУИПО).

Фото: Freepik