Како акционерските друштва ја преживеаја пандемијата?

58

Во текот на првите шест месеци од оваа година, 55 акционерски друштва од стопанството (60,44%) оствариле нето добивка во вкупен износ од 2.882.271.000 денари, а 36 акционерски друштва од стопанството (39,56%) за првото полугодие од 2020 година искажале нето загуба во вкупен износ од 750.095.000 денари, покажува извештајот за финансиските перформанси на акционерските друштва за период од први јануари до 30-ти септември на Комисијата за хартии од вредност.

Од 55-те акционерски друштва од стопанството кои оствариле нето добивка во првото шестмесечје оваа година, три друштва се од градежништвото, три друштва од секторот земјоделство, 30 друштва од индустријата, девет друштва од секторот трговија, едно друштво од секторот трговија со нафта и нафтени деривати, едно друштво од угостителскиот сектор, шест друштва кои вршат услужна дејност и две друштва од секторот фармација.

Минатата година, од 90 акционерски друштва, 64 друштва (71,11% од друштвата) првото полугодие го завршиле со нето добивка во вкупен износ од 3.452.427.000 денари, додека 26 друштва (28,89% од друштвата) првото полугодие од 2019 година го завршиле со нето загуба во вкупен износ од 504.345.000 денари.

Три друштва, првото полугодие од 2020 година го завршиле со оперативна загуба, но реализирале нето добивка, односно завршиле со позитивен финансиски резултат што се должи на приходите од финансирање, а не на нивното редовно работење. Од друга страна, едно друштво полугодието го завршило со оперативна добивка, но реализирало нето загуба.

Вкупната актива на акционерските друштва од стопанството кои објавиле полугодишни неревидирани финансиски извештаи, во првото шестмесечjе од годината изнесува 140.783.476.000 денари и истата е за 1,37% поголема во однос на вкупната актива на друштвата на крајот од првото шестмесечjе минатата година, кога изнесувала 138.874.760.000 денари.

Во поглед на изворите на финансирање на акционерските друштва од стопанството кои објавиле полугодишни неревидирани финансиски извештаи, вкупните обврски на друштвата од стопанството на 30.06.2020 година се зголемиле за 1,44% од 54.289.781.000 денари минатата година на 55.071.040.000 денари на 30 јуни оваа година, додека вкупниот износ на капиталот и резервите на друштвата се зголемил за 1,33% од 84.586.608.000 денари минатата година на 85.712.206.000 денари оваа година.

Од аспект на финансиското работење, забележано е намалување на приходите од работењето на друштвата и на остварениот финансиски резултат во првото шестмесечје од 2020 година во однос на првото шестмесечје од 2019 година. Акционерските друштва од стопанството кои објавиле полугодишни неревидирани финансиски извештаи, во првото шестмесечје од годината регистрирале намалување на приходите од работењето во однос на приходите во првото шестмесечје минатата година за 14,75%.

Во првото шестмесечје од годината (01.01.-30.06.2020 година) друштвата реализирале приходи од редовно работење во вкупен износ од 53.536.628.000 денари, додека вкупно остварените приходи од редовно работење за истиот период минатата година (01.01-30.06.2019 година), изнесувале 62.755.789.000 денари. Бројот на друштва од стопанството што реализирале нето добивка во првото полугодие од 2020 година во однос на 2019 година е намален од 64 друштва на 55 друштва, при што вкупниот износ на остварената нето добивка на друштвата е намален за 16,51%, од 3.452.427.000 денари остварен во првото полугодие на 2019 година на 2.882.271.000 денари во првото полугодие од 2020 година.

Речиси сите друштва од стопанството кои регистрираа намалување на приходите од работењето објавија дека истото се должи на пандемијата Ковид-19, која влијае на намалување на обемот на работа, како од аспект на производството, така и од аспект на продажбата. Негативните последици од пандемијата кои се покажаа во реалниот сектор, се рефлектираа и врз финансискиот сектор, пред сè на банкарскиот сектор, кој регистрира намалување на редовните приходи од камати и од провизии и од надоместоци, а во следниот период се очекува уште повидливо влијание на кризата врз финансискиот сектор каде ефектите се со одложено дејство.

Фото: Pixabay