Како Amazon.com го освои онлајн пазарот

272

“Брендот за компанијата е она што е репутацијата за една личност. Кога даваш сè од себе сложените проблеми да ги решиш на најдобар начин, се здобиваш со добра репутација” – Џеф Безос.

amazon_logo

Кршење на правилата

Amazon.com е светски позната компанија, која е тесно поврзана со целиот феномен на е-трговијата. Нејзиниот основач Џеф Безос буквално ги скрши правилата воведувајќи еден нов пристап во продажбата, полека потиснувајќи го конвенционалниот начин на дистрибуција.

Со седиште во Сиетл, САД, Амазон прерасна од онлајн продавница за книги во виртуелен Wallmart, кој нуди различни производи како музички цедеа, софтвер, електроника, играчки, видео игри, прибор за готвење, хардвер, храна и производи за здрав живот.

bezos

Претприемачкиот дух на Џеф Безос

Безос со диплома од компјутерски науки и електроника од Принстон, не знаеше многу за интернет продажбата. Откако даде отказ од претходната работа како постар заменик – претседател во D.E.Shaw, инвестициска банка на Вол Стрит, се пресели во Сиетл.

Разгледувајќи неколку бизнис можности, Безос наиде на статистика дека користењето на интернетот е во голем пораст и тука го виде потенцијалот за започнување на нешто ново. Така се нурна во светот на е-трговијата, без никакво искуство од областа на продажбата.

Сепак, тој смислено го одбра Сиетл како седиште на Амазон, токму поради фактот што градот важеше (и сè уште важи) за град со најмногу таленти од областа на технологијата. Исто така Сиетл беше близу до Розенбург, Орегон, каде се наоѓаше еден од најголемите продажни центри на книги.

amazon2

На почетокот Безос планираше Амазон да биде компанија за продажба на книги. И така се роди еден мал бизнис кој започна да функционира од гаража, а деловни состаноци се случуваа во локалната книжарница Barnes and Noble.

Името на онлајн продавницата беше избрано со намера. Започнуваше со буквата А, означуваше нешто големо и беше лесно за изговарање.

Официјално Amazon.com стартуваше онлајн во јули 1994 година.

Во 1998 година Амазон започна да продава и ДВД-а, за следната година палетата на производи да ја прошири со електроника, играчки, апарати за домаќинство, софтвер и видео игри. Денес компанијата има 31 категорија на производи и испорачува низ целиот свет.

Конкурентна предност

Одржување и подобрување на оперативната ефикасност е клуч за постојаната конкурентна предност на Амазон. Способноста да понуди трговски погодности, едноставност во купувањето, брзина, широка палета на производи, поволни цени и доверливост придонесува за успешното работење на компанијата.

Преку нарачување на големо директно од издавачите, Амазон нуди голем избор на клиентите и притоа добива и голем попуст од добавувачите и успева да испорача дури 95% од производите во истиот ден кога се нарачани. Директниот модел на работење овозможува компанијата да го скрати времето на испорака.

Создавање на капитал

Компанијата од година во година се повеќе вложува во рекламирање и промоција со цел да го направи брендот што посилен и да создаде капитал. Така, до 2003 година Amazon.com беше вреден 22 милијарди долари.

“Брендот за компанијата е она што е репутацијата за една личност. Кога даваш сè од себе сложените проблеми да ги решиш на најдобар начин, се здобиваш со добра репутација” вели Безос.

amazon1

Услуги со додадена вредност

“Персонализацијата е како навраќање во времето кога постоеја трговци во малите градови кои требаше најпрво да ве запознаат за да можат да ви ги посочат вистинските производи. Вистинските производи можат да го подобрат вашиот живот, додека погрешните само ќе ве однесат во погрешна насока”, вели Безос.

Успехот на Амазон зависи од задржувањето, односно растењето на базата на клиенти, познавањето на клиентите и нивните побарувања, како и исполнување на истите. Благодарение на високиот процент на задоволни купувачи, процентот на клиентите кои повторно се враќаат да направат нарачка на веб страната е 60%.

Брендот денес вреди 89 милијарди долари, има 154.100 вработени, а производите можат да се нарачуваат на 11 јазици.

amazon3

Дали сте знаеле дека…

Првичната замисла за името на компанијата беше Кадабра.

Првата продадена книга е Fluid Concepts & Creative Analogies, а тоа се случи во јули 1995 година во гаражата на Безос.

Кога во 2012 страната на Амазон беше неактивна 49 минути, компанијата изгуби приближно 5,7 милиони долари од продажбата.

Секој вработен во Амазон, дури и извршните директори, мора да работат на продажба два дена на секои две години, за да разберат колку е важна услугата на клинетите за компанијата.

Магацините на Амазон зафаќаат површина/волумен колку 10.000 Олимписки базени. 

Фото: Amazon.com