Како да бидете ефикасни на работа за време на лична криза?

19

licna-kriza

Фото: Pixabay

Поминувате низ навистина тешки моменти и сега е време кога треба да дадете сè од себе да останете присебни, фокусирани и да се обидете да продолжите со работата, иако ви изгледа невозможно.

Експертите велат дека е можно ако се сконцентрирате на големата слика, а следните неколку совети ќе ви помогнат во тоа.

Одвојте време да ја согледате реалноста

Одредете време, надвор од работното, да се соочите со случувањата. Тоа може да биде било што, од водење на дневник, до помош од терпевт или група за поддршка. Целта е да се изборите со чувствата и проблемите низ коишто поминувате, а не да ги потиснувате. Се изгледа невозможно кога поминувате низ лична криза, но разговорите со луѓе кои имале слично животно искуство можат многу да помогнат.

Фокусирајте се на мали задачи

Поделете го големиот проект на повеќе мали делови, така полесно ќе можете да се фокусирате и да ја завршите задачата. Обидете се да не одолговлекувате, тоа само ќе ви ја намали можноста за успех. Секое утро разгледувајте ја листата со задачи и сосредоточете се на најтешката. Нејзиното исполнување пред паузата ќе ви даде дополнителна енергија за остатокот на денот. За успех е многу важно да умеете да ги завршувате работите во определеното време.

Слободно направете пауза

Оставете сè и направете кратка ментална пауза, направете нешто што ќе ви годи. Излезете надвор, зборувајте со некого или едноставно пуштете ги мислите да лутаат. Овие паузи ќе ви помогнат да го разбистрите умот и да соберете сила. Исто така ќе ви помогнат да видите како другите луѓе функционираат кога се во криза. Секој човек има свои проблеми и сите некако наоѓаат начин да се справат со нив. Запомнете дека и вие го можете истото.

Претпоставениот не е ваш терапевт

Ако зборувате со претпоставениот како ваш најдобар пријател, ќе ја однесете врската на едно лично ниво што секако е сива зона. Не би сакале да оставите впечаток вашиот шеф да мисли дека секогаш кога ќе побарате средба тоа ќе биде едночасовна терапевтска сесија. Може да се случи претпоставениот да има “состаноци” секогаш кога ќе посакате да зборувате. Секако тој/таа треба да бидат информирани дека поминувате низ лична криза, да се осигураат дека добро се справувате со тоа и дека истото нема да влијае на вашиот перформанс на работа.

Музика, филмови, книги

Музиката и филмовите можат да бидат добро место за да “избегате” кога ви е најтешко. Обидете се да се опуштите со музика во која ќе се пронајдете во моментот, во стихови што ви зборуваат. Прочитајте некоја нова книга, одберете нов филмски жанр. Во вашиот живот се случија промени, па потребна ви е нова инспирација.

Кога поминувате низ тешки времиња, не постои лек што може веднаш да ве излекува. Ќе бидат потребни низа мали чекори за повторно да бидете во топ форма. Треба постепено, одново да ја изградите внатрешната сила и волја.