Како да ги научите вашите деца мудро да управуваат со парите?

94

prase-kasicka-pexels

Фото: Pexels

Финансиската едукација е многу важен дел од растењето на секое дете. Колку порано детето научи како мудро да управува со парите, толку полесно ќе се соочува со финансиските предизвици кога ќе порасне. Како родители, еве што треба да ги советувате вашите деца.

Треба да работите за да заработите пари

Претворете ја вашата желба за работа во мал бизнис. Ако практикувате хоби, како изработка на модни додатоци, креирање интернет – страници, сликање, многу лесно можете тоа да го претворите во мал бизнис. Но, прво посоветувајте се со родителите во врска со работата којашто сте подготвени да ја правите.

Колку повеќе работите, толку повеќе ви се зголемуваат можностите за заработка

Најдете различни прилики за да заработите пари на чесен начин. Бидете внимателни и избегнувајте ги можностите за заработка на незаконски начин.

Употребувајте ги парите одговорно

Не купувајте работи што не може да си ги дозволите и што не ви требаат. Купувајте само работи што навистина ви се неопходни, а со себе секогаш носете листа на производи што ви требаат и сакате да ги купите.

Споредете ги цените пред да купите нешто

  • Не паѓајте под влијание на промоции и распродажби за услуги или производи што не ви се потребни.
  • Не паѓајте под влијание на промотивни спотови на телевизија или интернет.
  • Навреме пресметајте ја цената на производите што ги купувате за да бидете сигурни дека ќе имате доволно пари за да платите.
  • Проверете го кусурот што ви го враќа продавачот.
  • Побарајте сметка и зачувајте ја.
  • Не позајмувајте пари ако не сте во можност да ги вратите.
  • Споделете ги вашите приходи со вашите вистински пријатели кои имаат помалку од вас и тие што имаат финансиски проблеми.

Штедете што е можно повеќе

  • Оставете пари настрана за непредвидени околности.
  • Размислете за понеопходните производи што треба да ги купите и почнете да штедите за оваа намена.
  • Испланирајте го вашиот личен буџет.
  • Анализирајте ги непотребните трошоци што сте ги имале во минатото и учете од вашите грешки.
  • Направете или купете касичка за пари во која ќе ги штедите парите.

Чувајте ги парите на безбедно место

  • Чувајте ги вашите пари со поголема вредност на банкарски сметки, а не дома под перници или на друго небезбедно место во вашиот дом.
  • Придружувајте ги родителите кога одат во банка да плаќаат сметки или да отворат банкарска сметка за да научите од нив.
  • Бидете претпазливи кога вршите онлајн трансакции. Избегнувајте купување на интернет од недоверливи интернет страници.
  • Не оставајте лични податоци на интернет.
  • Научете од вашите родители или од банкарските службеници како да го употребувате банкоматот.

Бидете дисциплинирани во вашите финансиски активности

  • Читајте книги за да научите како да заработите повеќе, како да заштедите подобро и како поефикасно да ги трошите парите.
  • Избегнете ја навиката да импресионирате други луѓе со вашите пари.
  • Консултирајте се со вашето семејство пред да донесете поголеми финансиски одлуки.
  • Завршете образование што ве исполнува и го развива вашиот потенцијал за чесна заработувачка.

Не заборавајте: времето е пари

Парите не треба да станат крајна цел, ниту пак заработувачката треба да биде единствениот приоритет во вашиот живот. Секогаш запаметете дека има поважни работи во животот, како слобода, љубов, среќа, семејство и пријателство.

Извор: Народна Банка на Република Македонија – Водич за финансиска едукација