Фото: Pexels
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат претприемачите во време на закрепнување на светската економија е да ги натераат клиентите да плаќаат на време. А, ако ваквиот проблем трае подолго време, може да доведе до затворање на бизнисот.
Дaун Фотопулос, консултант за мали бизниси и основач на Bestsmallbizhelp.com, разговараше на оваа тема која им задава главоболка на сопствениците, во текот на Самитот на мали бизниси во Њујорк. Еве ги нејзините пет совети како да издејствувате побрза наплата:
1. Испраќајте ги фактурите ВЕДНАШ
Честопати, сопствениците ќе ја завршат услугата за клиентот, но го занемаруваат испраќањето на фактурата. „Не ни можете да претпоставите колку се бавни сопствениците на мали бизниси во испраќањето на фактури“, вели Фотопулос. „А, всушност, клиентот нема никаква обврска кон вас, сé додека не добие фактура“
2. Објаснете ја секоја ставка одделно
Не му испраќајте на клиентот фактура само со вкупната сума. Наведете ги сите нешта кои клиентот ги купил од кај вас или секоја услуга која му била дадена и подвлечете ги сите попусти што сте му ги дале. На пример, Фотопулос им наплаќа пониска цена за своите конуслтантски услуги на невладините организации отколку на компаниите. Кога им испраќа фактура на невладините организации, секогаш ја наведува полната цена што би им ја наплатила на компаниите. “Кога клиентот врши уплата, тој е среќен затоа што знае што потпишува и која е вистинската вредност што всушност ја добил.”
3. Наведете ги јасно роковите
Не оставајте можност за забуна. Уште при потпишувањето на првичниот договор, треба да му кажете на клиентот кога треба да плати. Политиката за плаќање повторете ја и во фактурата и во испратницата. “Овие работи мора да се кажат јасно за да нема недоразбирање за рокот во кој треба да се плати фактурата“.
4. Издадете повеќе фактури, на помали суми
Ако има можност, не го заплашувајте клиентот со една, голема сметка. Поверојатно е дека клиентот ќе го одолговлекува плаќањето на огромна сума. „Олеснете му го плаќањето на клиентот“, вели Фотопулос. Исто така, со тоа што ќе му овозможите да плаќа на мали, чести рати, го заштитувате својот бизнис од губење на голема сума пари, во случај клиентот да банкротира во меѓувреме.
5. Воспоставете личен однос
„Во делот на продажбата, поминуваме многу време угодувајќи им на потенцијалните клиенти, но многу малку време посветуваме на лицето кое ги плаќа фактурите“, вели Фотопулос. Таа предлага да им испратите на овие лица рачно напишано писмо во кое ќе им се заблагодарите за уплатата и тоа да го правите редовно. Следниот пат кога ќе има застој во плаќањето, сметководителот ќе се сети на вас. Кога ќе ја види вашата фактура, за нив нема да сте само уште една компанија на која треба да ѝ платат.
(Текстот е преземен од www.enterprenuer.com)
Доколку сакате да дознаете повеќе за принципите на наплата, запишете се во програмата на CEED за Техники за продажба и наплата. За повеќе информации посетете ја нашата web страна или контактирајте ја Биљана Рамљак на [email protected].