Како да ја намалите потрошувачката на електрична енергија

295

Неколку корисни совети како да заштедите електрична енергија.

sijalici

Фото: Pixabay

Бојлер – заштеда 10%

За еден час работа, бојлер од два киловати, троши два киловат часови енергија, а на месечно ниво (ако секој ден работи по 2,5 часа) троши 150 киловат часови, пишува alo.rs. За да заштедите на топла вода наместете го термостатот на бојлерот помеѓу 50 и 60 степени целзиусови. Наместо капење во полна када, практикувајте туширање и одвреме навреме исчистете го бигорот од грејачот зошто истиот ја зголемува потрошувачката.

Машина за перење – заштеда 10%

Машината за алишта троши еден до два киловат часови, а честопати работи и три часа. Ако ја вклучувате секој втор ден месечно, потрошувачката ќе биде од 45 до 90 киловат часови. За да заштедите струја на перење алишта, вклучувајте ја после десет часот навечер, не користете предперење и практикувајте кратки програми.

Греење и ладење – заштеда 45%

Еден од најефикасните начини да ја одржите посакуваната температура е добрата изолација. Дополнителна термоизолација ќе ја намали потрошувачката на струја од 25% до 60%. Затоа ако се греете на струја, одберете грејни тела со термостат. Доколку користите клима уред за ладење, разликата помеѓу внатрешната и надворешната температура не смее да биде поголема од 10 степени.

Фрижидер  и шпорет – заштеда 6%

Термостатот во фрижидерот наместете го на три или пет степени. Одбегнувајте внатре да ставате топли тенџериња, а садовите нека имаат и капак. Редовно чистете го и отстранувајте го мразот. Една рингла на шпоретот троши од 1,5 до 1,8 киловат часови за еден час работење, а грејачот во рерна од 2 до 4 киловат часови. Садот во којшто готвите треба да биде иста големина како и ринглата, а додека се готват јадењата треба да бидат затворени со капак. Термостатот на рерната не мора да биде на максимум и одбегнувајте често да ја отворате вратата, од причина што со секое отворање ја намалувате температурата за 15 степени.

Светло – заштеда 7%

Неонското светло заштедува повеќе енергија од обичната сијалица. Една обична сијалица од 100 вати троши 30 киловат часови месечно ако работи десет часа дневно, додека штедливите светилки трошат само шест киловат часови. Сепак, за разлика од обичните, на штедливите светилки им е потребна поголема енергија да достигнат максимална јачина.

Електрични апарати – заштеда 4%

Телевизорот, ДВД плеерот, компјутерот и сите останати електронски апарати придонесуваат за зголемување на потрошувачката на струја. Затоа практикувајте кога не ги користите да бидат исклучени или на sleep mode од причина што на годишно ниво истите трошат до 1.100 киловат часови. Исто така кога користите пегла практикувајте одеднаш да ги испеглате алиштата, затоа што при секое наредно вклучување трошите енергија за загревање на пеглата.