Како да ја одберете банката што најмногу ви одговара?

25

banka

И граѓаните и компаниите имаат потреба од доверлив финансиски партнер, односно банка која ќе биде чувар на нивните средства, навремено и ефикасно ќе ги извршува сите трансакции и ќе обезбедува поволни кредити и економски совети.

Во македонскиот банкарски систем функционираат 15 банки, кои преку својата политика на клиентите им нудат најразлични финансиски услуги по различни цени, односно провизии.

Често пати се наметнува прашањето која банка е најдобра и најсоодветна, па затоа пред да го направите вистинскиот избор треба да направите кратка анализа на услугите што ги нудат банките и дали тие одговараат на вашите потреби.

Пред се, важно е да знаете колку често ќе имате потреба да ја посетувате банката што ќе ја изберете. Доколку работата и обврските налагаат честа интеракција со банката, тогаш мора да водите сметка таа да ви биде во близина на домот или работното место. Освен близината, при изборот мора да се обрне внимание и на работното време на банката.

Најдобар начин да ги запознаете услугите и условите што ги нуди банката е да ја посетите нејзината интернет страница или директно да побарате информации од најблиската експозитура. Според квалитетот и цените на услугите ќе може да направите и соодветен избор на банка, што ќе биде ваш деловен партнер и соработник.

Доколку се грижите за вашите штедни влогови, финансиски трансакции и трансфери на пари, треба да знаете дека банките подлежат на строга монетарна и ревизорска контрола од страна на Народната банка на Македонија.

Електронското банкарство, што како услуга го нудат банките, во голема мера ќе ви помогне во извршувањето на секојдневните финансиски обврски. Затоа може да направите и анализа на услугите што ги нудат по електронски пат, а се достапни на вашиот компјутер или мобилен телефон.

Банките ја практикуваат и услугата личен банкар, кој целото свое време, знаење и искуство ќе го посвети на вашите финансиски потреби. На тој начин, во секое време, ќе бидете информирани за состојбата на вашите сметки, ќе ве потсетува за трансакциите што треба да ги извршите и може да добиете корисен и стручен совет при изборот на одреден банкарски производ прилагоден на вашите потреби и барања.