Како да препознаете вистинско злато?

3376

Поради високата вредност на златото, се случува во оптек да се најдат лажни златни прачки, златници или накит. Измамниците со изработка на такви производи и продажба на безвредни метали по цена од вистинско злато се обидуваат да остварат поголема добивка.

Како да препознаете златни прачки и кованици?

Кога се во прашање златниците и златните прачки, постојат неколку едноставни тестови што може да утврдат дали златото е лажно или вистинско, пишува Bankazlata.com.

Сите производи што се категоризирани како инвестициско злато имаат стандардизиран изглед, тежина и димензии. Дистрибутерите на злато имаат детална спецификација на одредени златници и прачки, што лесно може да се проверат со прецизна вага и шублер.

Освен тоа, добро е да се знае дека златото и среброто не реагираат на магнетното поле. Затоа, обидете се со што е можно посилен магнет кон кованицата или прачката за злато или сребро. Доколку металот и магнетот се привлекуваат со сигурност ќе се знае дека не се работи за вистинско злато, туку за лажно. Но, и да не се привлечат, тоа не е гаранција дека се работи за вистинско злато или сребро бидејќи постојат и други метали што не реагираат на магнети, како што се олово, бакар, алуминиум и слично.

Исто така, важно е да се знае како да се препознае лажното злато во накитот. Па така, златото со помала чистота, како што е 14-каратно злато, што содржи 58,5% злато, може да содржи и други метали кои имаат магнетни својства, па така тестот со магнетот се прави само со 24-каратно злато, односно накит со 99,99% злато. Ако магнетот ги привлекува обетките, ланчето или нараквицата, тогаш тие не се изработени од 24-каратно злато без оглед на изгравираната чистота.

На накитот, исто така, може да се појават ситни пукнатини, што нема да му ја намалат вредноста при откуп, но ако во пукнатините се гледа поинаква боја, тогаш не се работи за вистинско злато, туку за позлатен накит.

Исто така, може да проверите дали накитот е златен, со помош на чинија или некој друг керамички предмет. Ако со накитот поминете по предметот и остане црна линија, тогаш со сигурност може да се каже дека не се работи за вистинско злато.

Најсигурен тест за проверка на чистотата на златото во златниот накит е користење на киселина за проверка на златото. Во секоја продавница за откуп на злато се прават вакви тестови за да бидат сигурни дека откупуваат вистинско злато.

На крајот, ако сакате да купите инвестициско злато или златен накит, тогаш важно е да одберете проверена фирма од која ќе го купите. Така ќе ја намалите потребата за тестирање на прачките, кованиците или накитот.

Фото: Pexels