Како да “растурите“ на продажен состанок

223

Продажбата претставува важен елемент од пазарната економија. Колку еден продавач ќе успее да продаде, толку и ќе биде (не)успешен во она што го работи.

Во услови на силна конкуренција, исклучително е тешко да се изборите за своето место на пазарот. Но, ако имате силен и издржан производ или услуга, во коишто силно верувате, тогаш сте на чекор кон успешна продажба.

Теоријата препознава безброј тактики коишто како алатки им стојат на располагање на оние кои продаваат. Важно е да се избере вистинското “оружје“, за вистинскиот купувач, во вистинското време. Тоа значи дека каналите што ве водат до потенцијалните клиенти, треба да ве однесат на вистинскиот пат. Да ги таргетирате токму оние клиенти кои “нема да можат“ да го замислат својот живот без она што им го нудите вие.

Првиот впечаток во продажбата е исто толку важен како и во љубовта. Тоа значи дека треба да бидете внимателни, ненаметливи и неагресивни, но во исто време да доминирате со вашата самодоверба дека нудите производ во којшто силно верувате.

Одберете соодветни услови во коишто ќе се одвива продажниот состанок, бидејќи за да ја раскажете вашата приказна, треба да ви биде пријатно. Тоа значи дека ако се чувствувате посигурни на свој терен, организирајте го состанокот во вашата канцеларија. Но, ако сакате да покажете дека сте толерантни и флексибилни, оставете другата страна да избере локација.

Подгответе се најдобро што знаете, бидете опуштени и дозволете мислата да ви тече без прекин. Така ќе покажете дека сте толку убедени во она што го зборувате, колку што сакате соговорникот да го убедите, но на суптилен начин.

Покажете разбирање за времето и потребите на соговорникот, комуникацијата нека биде професионална, но непосредна за да може клиентот да се чувствува слободен да ви постави прашања.

Ако наидете на негативен одговор или став, немојте веднаш да напаѓате. Ама и не се обесхрабрувате. Останете приземни и покажете почит кон туѓото мислење, но секогаш имајте “кец“ во ракавот што може да го искористите кога чувствувате дека ја губите контролата.

Фото: Pexels