Како да заштедите гориво при возење низ градскиот метеж?

26

vozac

Фото: Pixabay

Самоконтролата и концентрацијата при возењето низ град се прв чекор просечната потрошувачка на гориво да се намали за околу 20%. Тоа значи дека за една година, возачите ќе имаат доволно финансии за да го одржуваат автомобилот и на тој начин да му го продолжат животниот век.

Експертите велат дека смирен и сконцентриран возач со доволна доза на самоконтрола при возењето може да заштеди 20% до 30% од горивото. Ова подразбира дека кај еден резервоар со зафатнина од 50 литри, заштедата би била помеѓу 10 и 15 литри, што е доволно да се поминат дополнителни 150 километри.

За да се постигне ефектот на економично возење, потребно е и да се провери притисокот во гумите. Важно е гумите да бидат напумпани на вредноста што ја препорачува производителот. Нискиот притисок го зголемува отпорот и потрошувачката за 4% до 5%.

Ослободете се од непотребниот товар. Понекогаш се случува во багажникот да се остават непотребни предмети што само дополнително го зголемуваат товарот и ја поттикнуваат потрошувачката. Законската обврска за носење зимска опрема важи од 15-ти ноември до 15-ти март, а задолжителна е и првата помош. Ако имате носачи на покривот од автомобилот, извадете ги доколку не ги употребувате често.

Редовното сервисирање значи и подолг животен век на вашиот миленик на четири тркала. Во редовните прегледи неизоставен дел нека биде моторот и маслото.

Навремена промена на степенот на пренос. Експертите советуваат за време на градско возење да се забрзува на брзина и кратко до четврт степен на пренос кај автомобилите на бензин, односно до петтиот степен кај моделите што користат дизел гориво. Исто така, се препорачува префрлување во понизок степен на пренос пред вртежите да се намалат под 1.000 вртежи во минута.

Одржувајте константна брзина. Иако тоа можеби изгледа понекогаш невозможно во услови на градско возење, сепак е најекономично. Обидувајте се што е можно повеќе да го користите моторното сопирање, особено во зимски услови кога е можна појава на голомразица на патиштата.

Сконцентрирано следете го сообраќајот. Обидете се да имате целосен увид во сообраќајот. На пример, пуштете ја педалата за гас доколку забележите дека на семафорот се подготвува црвеното светло.

Не користете празен од. На современите мотори не им е потребно претходно загревање, дури ниту во зимски услови, па од таа причина стартувајте го моторот и веднаш почнете со возење.