Како дигиталната паника ја предизвика првата инфодемија во светот?

179

Светската здравствена организација (СЗО) сè уште не прогласи глобална епидемија поради корона вирусот, но затоа прогласи инфодемија. За прв пат во историјата на човештвото се шират толку многу дезинформации за некоја заразна болест, што тоа почна да претставува сериозен проблем за медицинските служби, анализира Aljazeera Balkans.

Уште на средината на јануари, на кинеските социјални мрежи Weibo и WeChat започна да се шири паника и непроверени информации, што потоа се пренесуваа на другите социјални мрежи во светот. На таблоидите, порталите и медиумите желни за тираж, како што се наведува, не им требаше многу време за да почнат со преувеличување на ситуацијата.

Некои од објавите на Twitter не само што не доаѓаат од Кина, туку и воопшто не се направени оваа година, многу има и такви што немаат никаква врска со епидемијата.

Еден пост што прикажува лекари во “вселенски скафандери“ алудирал на тоа дека е од болница во Вухан, а многу корисници не ни забележале дека на сликата е поранешниот американски претседател Барак Обама. Потоа се потврдило дека станува збор за снимка направена во 2011-та година, а во прашање е воена вежба на САД и Јужна Кореја.

За само неколку недели, како што пишува Aljazeera, скоро сите медиуми на планетата имале емисии посветени на корона вирусот, на коишто учествувале најразлични аналитичари, лекари, па дури и јавни личност кои биле загрижени поради откажаните филмски фестивали во Кина.

Сепак, како што се наведува, многу медиуми ја избегнуваат другата страна на епидемијата. Па затоа, хрватскиот научник Игор Штагљар направи и пресметка за ширење на вирусот, според која дури 99,3% од жителите на Вухан немаат вирус, а во прашање е светски епицентар на епидемијата. Исто така, сите 16 заразени лица во Виетнам успешно се излекувани.

Не се исклучени ниту теориите на заговор, па на интернет лесно може да се пласираат и такви информации. Некои дури веруваат во завера што со овој вирус сака да воведе нов светски поредок или дека САД и Велика Британија сакале да ја уништат азиската економија со вирус направен во лабораторија.

Се поставува прашањето колкава е одговорноста на медиумите? Нема сомнение дека одговорноста на новинарите и вработените во медиуми е огромна во вакви ситуации.

Важен совет: луѓето треба да ги следат упатствата на лекарите и експертите, а не на различни медиуми и на социјалните мрежи. Исто така, луѓето по својата природа се склони да прифаќаат најразлични препораки, вистини или полувистини. Но, кога е во прашање епидемија, не само на корона вирус, туку и други, треба да се следат препораките и советите на лекарите, а не на Facebook и Twitter.

Фото: Pexels