Како еден европски град помина од “портата на пеколот“ до еколошки лидер

386

Веќе трета година по ред шведскиот град Гетеборг е прогласен за најодржлив град во светот. Шведска е глобален лидер во движењето за одржлив туризам, а Гетеборг европска престолнина на паметниот туризам во 2020 година, пишува BBC.

Лоциран на западниот брег на Шведска, градoт не беше секогаш толку еколошки освестен за животната средина. Тоа се смени во средината на 80-тите години, кога шведската министерка за животна средина Биргит Дал го обиколи Гетеборг и го прогласи градот за “порта на пеколот“. Политичките и деловните лидери ветија дека ќе го претворат градот од 17 век во светилник на урбаната одржливост. Овие напори очигледно успеале.

Денес, Гетеборг е град со ботаничка градина со палми и егзотични растенија, електрични трамваи, жители кои се движат низ градот со велосипеди и електрични скутери, печено кафе, веганско млеко… Постојат канали, урбани паркови и калдрма, траекти коишто преку реката Гете водат до бесплатна сауна и јавен базен каде што водата се чисти без хлор, а просториите за пресоблекување се направени од рециклирани шишиња.

Имајќи го предвид сето ова не е чудно што Гетеборг е прогласен за најодржлива дестинација според Индексот за одржливост на глобални дестинации.

Повеќе од 90% од хотелите во градот имаат еколошки сертификат. Таму малите шишенца шампон, пластичен прибор и сламки одамна се минато.

Уште една од предностите на Гетеборг е неговата интимност и пристапност. Туристите можат да изнајмат велосипед или електричен скутер за да го истражат градот или да ги користат градските 260 електрични трамваи, од кои повеќето се именувани по познатите жители на градот.

Постојат, се разбира, електрични автобуси. Моментално, 65% од јавниот превоз во Гетеборг користи обновливи извори на енергија, со цел градот да биде целосно електрифициран до 2030 година.

Следната година, Гетеборг ја слави 400-годишнината и градот се подготвува за големиот јубилеј.

Фото: Pixabay